Под влијание на „снежен Армагедон“; Не паметат таква зима во последните 56 години


Во петокот, Москва ги забележа најсилните снежни врнежи во последните 56 години, при што 42 проценти од месечните врнежи паднале во рок од 24 часа, објави рускиот метеоролошки центар Фобос.

Метеорологот Евгениј Тишковец изјави дека снежната бура во централна Русија кулминирала со рекордни снежни врнежи што го парализирале копнениот и воздушниот сообраќај.

Тишковец нагласи дека таков „снежен Армагедон“ не се случил во Москва среде зима во последните 56 години.

„Снежните врнежи се намалија преку ноќ, а до утрото паднаа уште два милиметри лесен снег“, рече Тишковец, пренесува РИА Новости.

Тој истакна дека со ова е соборен рекордот од 1976 година за 9 јануари, кога во градот беа регистрирани 12,9 милиметри врнежи.

Тој додаде дека вкупниот број е буквално еден милиметар помалку од дневниот рекорд за јануари, кој е на сила од 1970 година.