Под мотото „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“ 62. Рацинови средби од 7 до 17 јуни


Под мотото „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“ Општина Велес годинава од 7 до 17 јуни ќе се одржат 62 Рацинови средби, кои годинава имаат поддршка од Министерството за култура и туризам и министерот Зоран Љутков, информира на денешниот прес градоначалникот Марко Колев и воедно претседател на организацискиот одбор.

Во рамките на Рациновите средби кои ќе започнат в сабота со крводарителска акција, а во недела ќе продолжат и со веќе традиционаната Атлетска трка „Трчаме за Рацин“, годинава ќе има традиционални поетски и меѓународни поетски читања со домашни и странски поети на повеќе локации во градот. Во рамките на програмата ќе има и меѓународна научна конференција на тема „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик и книжевоста “ што ја организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, а ќе се промовира и тротомното издание Кочо Рацин од тројца еминентни професори.

Свеченото отворање на 62 Рацинови средби е во четврток, на 12 јуни во 20 часот во театарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а претходно во фоајето на театарот изложба ќе има скулпторот Ангел Коруновски.

Во рамките на Рациновите средби традиционално ќе бидат засадени млади дрвца во паркот на Гимназијата која го носи неговото име.

Градоначалникот Колев информира дека комисијата за избор на Рациновото и Почесното Рациново признание за 2025, одлуката за годинашните добитници на овие високи литературни признанија ќе бидат соопшти во наредните денови.

Професор Кристина Николовска од организацискиот одбор  на денешниот прес, потенцира дека Општина Велес  која е една од најуспешните во Македонија и покажува дека не само во овие 11 дена Рацинови средби туку и во текот на сите 365 дена во годината е општина метропола на културата, поезијата, спортот, хуманизмот и прогресот.

– Имаме пред себе навистина импресивна, пребогата досега најамбициозна програма благодарение пред се на Министерството за култура и туризам и секако благодарност до министерот Зоран Љутков и секако до Општина Велес која студиозно, континуирано, посветено работи на изработката на програмата, која од утре ќе ја има објавено на страната на Општина Велес, најави Николовска.

Таа појасни дека оваа манифестација е мултикултурна и мултидимензионална, а акцентпт ќе биде ставен на поезијата зошто се одржува во Велес –  метрополата на поезијата и градот на Коста Солев Рацин во чија чест и се одржуваат средбите.

Во рамките на 62. Рацинови средби освен на Спомен костурницата од НОВ во Велес каде се посмртните останки на Рацин, венец цвеќе ќе биде положен традиционално и на планината Лопушник, кичевско на местото на погибјата на Рацин на 13 јуни 1943 година. На 10 јуни од Велес стартува и ултрамаратонот од Велес до Лопушник, а чии учесници – ултрамаратонци исто така на 13 јуни на Лопушник ќе положат цвеќе во чест на Рацин.

На 14 јуни во рамките на Рациновите средби при доделување на Почесното Рациново признание за 2025 ќе се одржи традиционалниот Меѓународен поетски митинг, а потоа ќе има и концерт на Васил Хаџиманов Бенд во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес.

Свеченото затворање на 62 Рацинови средби е на 17 јуни – вторник со театарската претстава „Рацин“.

Рациновите средби годинава ќе чинат најмногу досега,  1,2 милиони денари од кои поголемиот дел ги издвои Општина Велес со одлука на Совет на општината, а помал дел Министерството за култура и туризам.

Општина Велес обезбеди плус дополнителни 400 илјади денари за атлетската трка „Трчаме за Рацин“, која во недела на 8 јуни ја организира АК „Борец“ во соработка со Општина Велес.