Почнува заштитата на скопскиот Аквадукт: Имаме обврска ова ремек дело да го промовираме пред светот


Фото: Б. Грданоски

Денеска почнува првата фаза на конзервација и реставрација на скопскиот Аквадукт, еден од последните на Балканот кој е сочуван во целина.

Неодамна, Владата донесе одлука за прогласување на Аквадуктот за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности, не само од големо национално значење, туку тој му припаѓа и на човештвото. Затоа, скопскиот Аквадукт го доби највисокиот акт на заштита.

Фото: Б. Грданоски

– Стоиме пред ремек делото на старите градители кое што им пркосело на вековите , на природните непогоди, на војните и на луѓето.  Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме. Тоа овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла. Заштита на архитектурата и на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот  аспект на локалитетот. Со тоа конечно започнува и неговата физичка заштита. Убедена сум дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност во неговата  заштита. Имаме обврска Аквадуктот да го промовираме пред светот кој  ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации, изјави денеска на прес-конференцијата на министерката за култура Ирена Стефоска на лице место на археолошкиот локалитет, обвиткан со тишина, додека ветерот ве разладува, а истовремено сонцето ве пече. 

Фото: Б. Грданоски

Скопскиот Аквадукт, ремек делото на старите градители им пркосело на вековите , на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме, потенцираше Стефоска која истакна сите документи се подготвувани од ланскиот октомври и се е спремно отпочнување на заштитата. 

-Но, пред  тоа, неговата вредност  треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа „Сити мол“ , но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: „тоа и го спасило “. Но, убедена сум дека од  денеска Аквадуктот  го добива заслуженото внимание и грижа. Зашто скопскиот Аквадукт навистина е поглед од кој застанува здивот, истакна министерката за култура.

Фото: Б. Грданоски

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за обемна и скапа работа и веројатно ќе изискува подолг период.

-Сега ја почнуваме работата од нулта позиција, а тоа е овде на лице место првин да се зачува физичката состојба на Аквадуктот. Драго ми е што ќе отпочнат работите и се надевам на добра и успешна завршница, додаде Костов.

Како што рече, ќе се работи на повеќе сегменти, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од различни области, архитекти, конзерватори, историчари и останати.

-Се надевам дека ова ќе биде почеток на еден план каде Аквадуктот ќе добие соодветно место за Скопје и за сите туристи и останати граѓани во државата. Се надевам дека ќе се вклучат и останатите фели, ова ќе биде еден простор многу убав за различни манифестации, за младите, за културата, спорот и останатите, посочи Костов.

Фото: Б. Грданоски

Според директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, оваа година е многу значајна во делот на заштита на нашето наследство.

-Најпрвин се почнува со акитивности околу каналот, односно водите што некогаш овде биле во изобилие, ќе ги насочуваме кон другиот канал. Следна постапка е зајакнување на столбовите. Тука сме да го зачуваме ова дело, да има еден бенфит за самата наша држава во сите погледи, рече директорот Чапкановски на денешната прес-конференција. (Л.С.)