Почнува со работа новото ОУ „Киро Глигоров“


Во населбата Капиштец денеска ќе биде отворено новото Основно училиште „Киро Глигоров“. Ова е прво новоизградено училиште по пет децении во Општина Центар, а било ветувано уште во 80-тите години од минатиот век.

На отворањето на училиштето предвидено е да се обратат премиерот Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ.

Градоначалникот Богдановиќ пред неколку дена изјави дека со ова училиште се решава повеќедеценискиот проблем на жителите од Капиштец, кои повеќе нема да ги носат своите деца во училишта во другите населби. Училиштето почна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра.

– Името на училиштето беше избор на граѓаните. Беа спроведни две анкети, односно првата беше да се предложат имиња, а второ од предложените да се избере името на училиштето. Со последната анкета, беше одлучено со над 50 отсто од граѓаните, а потоа и со согласност од Советот, училиштето да се вика Киро Глигорв по името на првиот претседател на државата, рече Богдановиќ.

Училиштето „Киро Глигоров“ е со модерен дизајн и архитектура, изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Ќе биде инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и има дворна површина од 4.100 квадратни метри. Влезот за ученици е од споредната и помалку прометна улица „Адам Мицкиевиќ“, а влез за возила од улицата „Васил Ѓоргов“.

Училиштето се состои од приземје, два ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со лед-енергетско ефикасно осветлување.

Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор, седум специјализирани кабинети за предметна настава,спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Од Општина Центар информираат дека сите материјали што се вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании. Внимавале и воделе грижа за квалитетот на воздухот во училиштето и затоа се поставени рекуператори за прочистување на воздухот. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, лед-енергетско ефикасно осветлување,посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалетии посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.

Спортската сала е по ФИБА стандарди, трпезаријата е по ХАСАП стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.