Почнува проектот „Скопје вежба“, аеробик, јога и фудбал достапни на отворено на четири локации низ градот
Почнувајќи од денеска во наредните три месеци, скопјани ќе имаат можност да вежбаат и да се рекреираат на отворено секој работен ден, по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје. Ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога, атлетика и друго, информираат од Град Скопје.
На денешниот репертоар со почеток во 18 часот, кај Школката во Градски парк граѓаните ќе имаат можност да вежбаат моторика, гимнастика, аеробик и бокс. Во паркот зад „Три Бисери“ во Аеродром ќе има јога, додека, во паркот во Ѓорче Петров аеробик, пилатес, моторика и голф. Фудбал ќе се игра во паркот во Чаир, како и моторика.
Предвидените активности ќе бидат спроведени заедно со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
– Можноста граѓаните бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено е дел од проектот „Скопје вежба“ кој го спроведува Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Проектот има цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма, стои во соопштението од Град Скопје.
За дневниот распоред на вежби и локации во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните можат да се информираат на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.