Почнува пријавувањето за ракометниот камп „40х20“

По успешно реализирани три изданија на ракометниот камп „40х20“, во Охрид, организаторот на кампот, агенцијата КМГ Спорт, ги стартува подготовките за четвртото издание на еден од најквалитетните ракометни настани во регионот.
Пријавувањето ќе почне денес од 12 часот. Кампот ќе се одржи од 6 до 11 јули во Охрид.
Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“ е задоволен од досегашните три изданија и постојаниот голем интерес за учество.
– Од она што го имаме како информација, во контакт со родителите, можеме да потврдиме дека оваа година интересот е уште поголем, а местата за учество очекуваме да бидат пополнети за помалку од пет дена. Тоа од друга страна создава проблеми со децата и родителите кои не успеале навреме да обезбедат место за учество на кампот, и затоа сакаме да пратиме апел до сите заинтересирани, навреме да се пријават, изјави Ѓоргоноски.
Како содржина на кампот, посебно внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, поделени според позицијата која ја практикуваат во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен, многу квалитетен и продуктивен. Но, на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и прилагодена на возраста на одредени групи на деца.
– Ние како агенција имаме огромно искуство во организација на вакви настани, а истовремено сме благодарни на екипата од тренери, доктори, предавачи и гости на кампот, свесни за нивните, пред се, човечки квалитети и високиот степен на одговорност кои ги презентираат кон децата и нивните родители. На кампот имаме деца од 7-17 години, и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние највозрасните (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен аспект, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца, и покрај ракометот на менито има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базен, информира Ѓоргоноски.
Кампот има интернационален предзнак, се очекува учество на повеќе деца од Шведска, Србија, Шпанија и останатите земји од регионот и цела Европа.