Почнува изградбата на паркот „Радост“ во Аеродром


Фото: Независен весник

 

На крстосницата на булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“, денеска почнува изградба на парк, а тоа место (до ПСС) претходната локална власт го планираше за изградба на општинска зграда.

Откако Тимчо Муцунски стана градоначалник, беа избришани маркиците за изградба на две згради на тој простор и се одлучи да се изгради парк. За оптинска зграда пак, Муцунски го пикира местото од касарната „Гоце Делчев“ во близина на кулите „Џеваир“,

– Почнуваме со подготвителни активности за изградба на нов парк од близу 6.000 метри квадратни парк „Радост“ симбол на едно ветување кое што го дадовме уште на почетокот на нашата кампања а тоа е дека во општина Аеродром ќе има хумана урбанизација. Тоа што ме радува е дека овој парк е и доказ дека може да има севкупна општествена соработка кога се работи за вакви значајни проекти за граѓаните, се работи на заедничка инвестиција на општина Аеродром, четри општествено одговорни компании, неколку невладини организации кои што се вклучени во процесот на поддршка и делегацијата на ЕУ преку еден од своите фондови ни додели грант, за да можеме да го реализираме тоа што по мене ќе биде веројатно најубавиот и најсовремениот парк на територија на Град Скопје – рече денеска градоначалникот Муцунски.

Со оваа инвестиција на Општина Аеродром, со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Скопје која се реализира преку невладината организација „Пантеон“ и соработка со приватни компании Џевахир, ПСС, Тинекс и Халк Банка, граѓаните ќе добијат нов најсовремен и модерен парк во вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри површина која доминантно ќе биде исполнета со зеленило и каде ќе биде поставена најмодерна опрема, осветлување, павер елементи и хортикултурно уредување. „Радост“ ќе претставува нова локација во Аеродром која ќе ги подигне квалитетот на живот на граѓаните и ќе биде ново место за социјализација, дружба и рекреација.

„Овој проект беше доделен преку Европскиот институт за иновација и технологија чија основна задача е да препознава како талентот и иновативноста можат да ги решат сите прашања со кои се соочуваме. Со овој парк, во чија изведба се поврзуваат поединците, заедницата и природата, покажавме дека ги поттикнуваме европските цели и идеи за одржливост, естетика и иновативност“, потенцираше заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Џулијан Васало.