Почнува изградба на спортска сала во училиштето во Хром


Денеска ќе биде поставен камен-темелник за изградба на нова спортска сала во Подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“, кое се наоѓа во населбата Хром, Општина Ѓорче Петров.

Оваа современа сала е дел од заложбите за подобрување на условите за образование и физичка активност на нашите најмлади и претставува важен чекор кон создавање подобри услови за развој на спортските таленти на учениците, соопшти владината прес-служба.

Новата спортска сала ќе има вкупна површина од 476 м², со димензии 27,40 x 15,6 метри и максимална височина до 12,4 метри. Оваа пространа и модерна сала ќе понуди соодветни услови за различни спортски активности. Изградбата ќе се спроведе со користење на енергетски ефикасни и еколошки материјали, што ја прави оваа сала не само функционална, туку и одржлива на долг рок.

Минатата година училиштето го доживеа својот прв чекор кон модернизација, со доградба на дополнителен дел од 774 м², што значително ги подобри условите за наставата. Со ова проширување, кое вклучуваше нови училници и простории, училиштето сега има вкупна површина од 2713 м². Оваа доградба беше суштинска за подобрување на просторот, но со изградбата на спортската сала, образовниот комплекс ќе добие целосно заокружена функционалност.

Со новата спортска сала, училиштето кое моментално има 493 ученици, ќе добие соодветен простор за часовите по физичко воспитување, како и за развој на спортски активности. Салата ќе овозможи учениците да ги развиваат своите спортски вештини, да учат за важноста на тимската работа и дисциплината, и да го зајакнуваат своето физичко здравје. Покрај тоа, овој објект ќе биде од голема корист и за жителите, бидејќи ќе може да се користи и за организирање на локални спортски настани и активности.

Во рамките на проектот ќе биде изграден и паркинг простор со 30 места за вработените и посетителите, а новата пешачка патека ќе обезбеди лесен и безбеден пристап до училиштето и училишниот двор.

Средствата на овој проект се во вредност од 20.000.000 денари.