Почнува Фестивалот на комедијата „Гола месечина“


Фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој е во продукција и организација на Театар Комедија и под покровителство на Општина Аеродром, ќе се одржува од вечерва до 3 октомври.
Од Театар Комедија соопштија дека поради пандемијата годинава има поинакво издание, но дека успеале да ја задржат традицијата на фестивалот. Оваа година ќе нема гостински театри од соседството и сцената ќе им биде отстапена на македонски претстави.
– Во шесте фестивалски вечери публиката ќе може да гледа пет претстави од домашни продукции и еден стендап-настап. Влезот за публиката и годинава е бесплатен, со тоа што ќе може да се влезе само со приложување билет поради ограничениот број на седишта, а бесплатните билети ќе може да се подигнат од билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром. Фестивалот ќе се одржува под посебни протоколи за одржување настани на отворено, на сцена поставена на фудбалското игралиште покрај детската градинка „Сонце“ во Реонски центар – Аеродром, соопшти Театар Комедија.
Почетокот на претставите  е во 20 часот, а влезот за посетителите, кои ќе мора да носат заштитна маска, ќе биде отворен од 19 часот.
На последната фестивалска вечер ќе бидат доделени признанија и награди, меѓу кои и наградата за животно дело „Анче Џамбазова“, воведена минатата година.