Почнува 37. Поетска ноќ во Велестово

На 37. Поетска ноќ во Велестово ќе настапат шеснаесет поети, музичари и уметници од вкупно шест држави – Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и нашата земја.
Програмата ќе почне вечер во 21 часот во Велестово со поетски портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува интернационаланото поетско читање „Имаго“.
Ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Стефан Младеновски. Следните два дена ќе се одржат повеќе интернационални поетски читања на локации во Велестово и во Охрид, се наведува во соопштението до јавноста.
– Од 200 видови пеперуги во Македонија, дури 166 живеат во Националниот парк „Галичица“. Затоа, постерот за годинешното издание е посветен на пеперугите на Галичица. Да се потрудиме заедно да ги заштитиме и уште долго да уживаме во нивната убавина. Автор на постерот е Андреј Павлов, се додава во соопштението.