Почнува 12. издание на Меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“


Од денеска до 23 мај ќе се реализира 12. издание на Меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“, во организација на Детскиот културен центар – „Карпош“. Во рамки на фестивалот ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастер часови.

Фестивалот ќе се одржи со поддршка на Градот Скопје, а како што посочуваат организаторите, како централен настан е натпреварот на кој учествуваат талентирани млади луѓе.

Меѓу концертите планирани за годинава први се оние на Давид Стрбац – Србија/Австрија и на Адам дел Монте – САД, кои ќе се одржат на 19 мај во малата сала на Македонската филхармонија.

Потоа следува „Дуо Дениција“ – Македонија/Германија и на Герхард Герхард Рајхенбах – Германија, најавени за 21 мај во „Куршумли ан“, како и на Нејц Кухар – Словенија/Австрија и на Габриел Бјанко – Франција, чии настапи на 22 мај, исто така, ќе бидат во малата сала на Македонската филхармонија.

Организаторите најавуваат учество на гости од странство, од кои дел ќе бидат и членови на интернационалното жири Адам дел Монте од САД – еден од водечките фламенко и класични гитаристи и композитори од неговата генерација, добитник на награди „греми“,  Габриел Бјанко од Франција – признат како еден од најдобрите денешни класични гитаристи, победник на престижни меѓународни натпревари, во Сан Франциско, САД и во Кобленц, Германија, Герхард Рајнхенбах од Германија, кој веќе 40 години настапува како солист и заедно со оркестри на сите важни меѓународни фестивали на гитара.

Исто така, ќе учествува и Нејц Кухар од Словенија/Австрија, професор на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена и на Конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајнштадт, предавач на престижната школа „Џулијард“, како и Ерхан Мујка од Косово, Бошко Радојковиќ од Србија, Џевдет Сахатчија од Хрватска/Косово, Николај Михаилов и Стела Динкова од Бугарија.

Од македонска страна во жирито членуваат Дарко Багески – нашиот познат гитарист, кој моментално работи како редовен професор на Факултетот за музичка уметност, уметнички директор на „Тремоло“, основач е на Летната академија за гитара во Охрид и претседател на македонската заедница за класична гитара; Борче Наумоски – доцент на Факултетот за музичка уметност, кој ги предава предметите гитара, камерна музика и литература за гитара, а предава и како професор по гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и Љубомир Наќевски – професор по класична гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, чии ученици активно учествуваат на фестивалите во регионот и се добитници на државни и меѓународни награди, како и директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.

-Овој фестивал е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините, прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Во текот на изминатите години многу еминентни солисти и педагози, светски познати уметници од областа на класичната гитара, придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност. Секое издание од овој фестивал е своја приказна, инспирaција за младите генерации во нивната културна формација, соопштија организаторите.