Почнаа протести поради казните од „Безбеден град“


Протест на патот Битола - Ресен

 

Само два дена од стапувањето во сила на проектот „Безбеден град“ почнаа протести поради казните за прекршоците. Група граѓани попладнево го блокираа патот Битола – Ресен потврдија за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи.

На социјалните мрежи во попладневните часови се појавија видеа на кои можат да се видат граѓани како го блокираат патот палејќи отпад, гуми и дрва.  Насобраните извикуваат „Правда бараме“, а дел од нив велат дека им биле одземени возила.

Од МВР велат во 16,10 часот патот бил блокиран кај местото викано „Кај Ромите“, поради измените на Законот за сообраќај.

Тие потоа дојдоа во градот и пред полицијата и судот побараа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да најде друг начин да добијат возачка дозвола без да полагаат возачки испит зашто се необразовани, или да си даде оставка.

Попладнево протест имало и во кочанската населба Трајаново Трло, каде исто така биле запалени гуми на улицата „Цветан Думов“, објави „Радио Кочани“.

Со реакција се јави професорот Гордан Калајџиев кој вели дека има чувство како да го следи Големиот брат.

„Гледам главно позитивни реакции на ‘безбеден град’. Јас лично се чувствувам како Големиот брат да нѐ лови по улици. ПС. Прво почна да нѐ слуша, да нѐ следи. Ништо не остана од приватноста“, напиша тој.