Корона кризата го испрати Буџетот на „ремонт“


Фото: Б. Грданоски

Во Министерството за финансии почна да се подготвува ребалансот на Буџетот за 2020 година, потврдија вечерва министерката за финансии Нина Ангеловска и техничката заменик министерка Гордана Димитриеска Кочоска во гостување на ТВ24. Ангеловска рече дека процесот е почнат пред околу една недела и дека се чекало да помине април за да се има повеќе информации за приходите во Буџетот. Димитриеска Кочоска, пак, се пофали дека таков предлог доставила уште на 24 март.

-Генерално во моментов најголем е предизвикот да се појде од што пореалистични проекции или претпоставки. При прекројувањето ги земаме во предвид сегашните проекции што ги имаме направено, рече министерката Ангеловска.

Ангеловска најави дека ќе се интервенира и на приходната и на расходната страна. На приходната страна ќе се земат во предвид и ефектите од зголемената акциза, а на расходната веќе се направени интервенции, односно се прераспределени околу 110 милиони евра, но во ребалансот ќе има и други промени.

Во моментов најголем е предизвикот да се појде од што пореалистични проекции или претпоставки: Нина Ангеловска

Ребалансот на Буџетот ќе се прави врз основа на новите проекции за пад на домашниот бруто-производ кој според Министерството за финансии ќе се намали 3,4 отсто во 2020 година како резултат на ефектите од корона кризата. Во однос на компонентите што го сочинуваат БДП, Ангеловска рече дека сите ќе имаат надолен тренд, освен јавната потрошувачка која што ќе се зголеми.

Ангеловска посочи дека Буџетот е ликвиден за да ги извршува своите обврски и дека се тече нормално. Исплатени се субвенциите, повратот на ДДВ е за 26 отсто повисок во однос на април лани, се исплаќаат плати, пензии, социјални помош.

-Се тече нормално. Ние вршиме редовен поврат затоа што тоа е важна ликвидносна инјекција за стопанството и даваме предност на повратот на ДДВ на погодените  сектори и индустрии. Нормално течат и исплатите на платите, пензиите, социјалната  помош, сите законски трансфери и исплати. Добивме ликвидносна поддршка во вистинско време од ММФ во износ од 176 милиони евра. Имајќи предвид дека бевме конзервативни во планирањето на ликвидносните потреби во април, сега сме во една  ситуација каде ги сервисираме сите обврски, ги следиме сите потреби, но во исто време направивме значајно кратење на расходната страна. На пример ако ја погледнеме реализацијата на стоки и услуги во април таа е помала за 36 проценти во споредба со април минатата година. Тоа покажува дека одлуките на Владата да се стопира растот на непродуктивни расходи даваат резултат, истакна министерката.

За донесениот Буџет за годинава оцени дека не е направен преамбициозно.

-Беше скроен реално, рече Ангеловска. Според неа буџетскиот дефицит ќе зависи од тоа колку ќе биде падот на приходната страна, но оцени дека имаме капацитет за брзо да се вратиме на патеката на раст и дека имаме капацитет да го враќаме дефицитот. Капиталните инвестиции, посочи дека се нешто што треба да се турка побрзо да се реализираат за да го амортизира ударот.

Таа го повтори нејзиниот став дека треба да се намалат платите на администрацијата, но вели дека одлуката ја носи Владата како колективен орган. Во овој момент не се размислува за промена на некои даноци, рече таа.

Подготовките за ребаланс на Буџетот ги потврди и дополнителната заменик – министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која рече дека е можно економијата годинава да забележи и поголем пад од проектираниот, имајќи во предвид дека нашите главни трговски партнери предвидуваат тешка година, а во Германија на пример, се предвидува пад од 7 отсто, како и дека ќе има рекорден пад на извозот од околу 13 отсто. Покрај тоа, можно е да има и втор бран на епидемијата што исто така ќе се одрази врз економските параметри.

Според Димитриеска Кочоска, за состојбите во македонската економија многу ќе значи и како ќе се реализираат економските мерки за поддршка на стопанството и кога ќе дојдат парите до компаниите. Таа повтори дека тие се недоволни и дека Владата требало да ги преземе порано.

Можно е економијата годинава да забележи и поголем пад од проектираниот: Гордана Димитриеска Кочоска

-Уште на 24 март доставив писмен допис до министерката во кој имаше многу мои предлози и кои ставки треба да се скратат како најургентни во моментот кога предложив да се направи ребаланс на буџетот. Ние сме месец и половина после тој датум кога го доставив тој допис и Министерството за финаснии започнува процедура околу подготовката на ребалансот на Буџетот. Немам детали за тоа што се случува затоа што јас во Министерството со луѓето комуницирам кога имаат потреба да потпишам некое ново задолжување, а во однос на деталите околу пресметки, проекции не сум вклучена, изјави таа.

Вели дека ја згрижува тоа што во делот на планирањето во МФ се водат од тоа што се случува во месец април, а се однесуваат на март.

-Да не заборавиме до 25 април беше продолжен рокот да се поднесуваа ДДВ за претходниот месец, така што приливите кои стигнуваат во буџетот, се приходите за месец март. Она што ќе се случува во месец април, мај и јуни кај оние најпогодените индустрии, каква ќе биде пресметката и колку тие ќе имаат пад во ДДВ во најголем дел ќе го видиме до 25 јули кога ги имамем кварталните обврзници, истакна Димитриеска Кочоска.

За намалување на платите на администрацијата, вели дека кон ова треба да се пристапи кога претходно ќе се направи ребалансот на транспратен начин и ќе се покаже од каде се ќе се направи кратење и дека е направен максимум и оти мора сите да бидат солидарни.

Сепак, вели дека кај вработените во администрацијата кои се на неопределено време нема што да се прави, но оти може да се намали кај оние со договори на дело, консултантски услуги, привремени вработувања, бидејќи тие се ангажираат за зголемен обем на работа.

Во однос на задолжувањата таа вели дека ќе имаат ефект врз економијата и дека тие нема да остават простор за понатаму дополнително да се задолжиме, но дека тоа може да се надмине со тоа што ќе се направи сериозна реформа и ќе се намали сивата економија, со што ќе се зголемат буџетските приходи.