Почнаа игрите околу „тронот“ на Путин
Дали Путин е сериозно болен и наскоро ќе се пензионира или се ова само гласини?
„Во јануари, Владимир Путин ќе ги објави своите планови за предавање на власта“, изјави рускиот историчар Валери Соловеј. Путин, според него, се лекува од Паркинсонова болест, рак и депресија. „Целосна глупост“, порачаа од Кремљ.
Но, Соловеј, поранешен професор на Московскиот државен институт за меѓународни односи, е апсолутно категоричен дека ќе има големи промени во Русија на почетокот на 2021 година. Во интервју за радиото „Ехо на Москва“, тој оцени дека шефот на Централната банка ќе биде сменет, како и премиерот. Самиот Путин би заминал бидејќи го ветил ова на своето семејство, вели овој критичар на Путин. Според Соловеј, во кругот на луѓето кои можат да влијаат на неговите одлуки биле Алина Кабаева, како и ќерката на Путин и уште неколку многу блиски пријатели.
Со оглед на тоа дека никој повеќе не може да го победи Путин, тој може да остане претседател на Русија се додека не наполни 84 години. Како ќе изгледа земјата во 2036 година? Константин Егерт дава мрачна слика.
Голема грешка на Путин е што се откажа од проектот со Бугарија и се обложи на Турција. А, причината за сето ова, според Соловеј, е што Путин бил сериозно болен. Како доказ за овие сомневања тој го наведува каналот „Генерал СВР“ на социјалната платформа Телеграм, кој го одржувале поранешни вработени во тајните служби.
„Имаше објава во која се вели дека Путин се лекува од Паркинсонова болест, земал антидепресиви и лекувал рак. Се тврди дека не станува збор за една или друга болест, туку сите три во исто време„, вели тој.
Новинарката критичар Јулија Латинина вели дека била крајно изненадена кога ги слушнала овие работи. Секој во земјата знае дека Кремљ е како црна кутија од која не протекуваат никакви информации надвор – особено кога станува збор за прашања поврзани со здравјето или семејството на Путин.
Латинина верува дека Валери Соловеј ги кажува овие работи само за да направи врева , а неговите доверливи информации многумина веќе ги доведоа во прашање. Политикологот Станислав Белковски е исто така е убеден дека станува збор за празни приказни, кои се шират главно во странство по принципот: каде што има чад, не може да има оган.
Секое појавување на Путин е веќе внимателно следено и анализирано. Кога Путин кашлаше во средината на ноември за време на состанокот во живо со членовите на кабинетот, многу медиуми започнаа да алармираат, коментира Јулија Таратута од независното Радио дожд. „Ова е кашлица кај првиот човек во земјата, а со тоа и најважна кашлица во цела Русија“, рече таа иронично, наведувајќи ги различните здравствени проблеми кои биле „дијагностицирани“ досега. На пример, се зборуваше за скршени пршлени, Аспергеров синдром (вид на аутизам) и рак на панкреас.
Но, не се набљудуваат само изразите на лицето и гестовите на Путин. Исто така, многу внимателно се следи колку често тој претседава.Многумина го посочуваат фактот дека многу ретко се покажува во јавноста, но ова може да се должи на опасноста поврзана со пандемијата.
Но, постојат и други знаци кои сугерираат дека е неизбежна промената: бројните ретроспективи на Путин и неговите години на власт во Русија, кои се прикажуваат на државната телевизија со недели. Се потсетува на неговите најдобри шеги, никогаш досега прикажани фотографии од неговата приватна архива, ретки снимки од внатрешноста на Кремљ и што уште не.
Има уште една работа: новиот Закон за имунитет на претседателот и неговото семејство по завршувањето на мандатот. Овој закон е исклучително важен за да се спречат можни акти на одмазда, вели пратеникот Павел Крашениников – така што некој во земјата, воден од економски, политички или други мотиви, одлучи да побара надомест на штета на суд.
Сето ова е празен муабет и целосна глупост, коментира портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. “Претседателот е во добра здравствена состојба. Тој нема намера да поднесе оставка и е во одлична форма”, рече тој.
Можеби, вели новинарката Јулија Таратута, Кремљ едноставно го испитува расположението да види кој ќе му остане лојален на претседателот и кој ќе започне можна битка за моќ во која, според истите гласини, ќерката на Путин исто така играла активна улога.