Почна собраниската седница за измени и дополнувања на законите за ДДВ и за акцизи

Пратениците во Собранието попладнево ја изгласаа потребата измените Законот за додадена вредност да бидат донесени по скратена постапка, а истото тоа го направија и за измените на Законот за акцизи.
Веднаш потоа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, закажа седница на Комисијата за финансирање и буџет во 17:30 часот, каде што ќе се разгледаат и амандманите што ги поднесе опозицијата. Џафери, повикувајќи се на Деловникот, ја закажа седницата на Комисијата, бидејќи ова собраниско тело е без претседател, откако Тимчо Муцунски беше избран за градоначалник на Аеродром.
Од Владата образложија дека измените и дополнувањата на законите за ДДВ и за акцизите треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.
Од опозицијата забележаа зошто мерките не се донесени порано.
„Наместо сега да глумите загриженост и да свикувате итни седници, вакви мерки можеа да бидат донесени уште пред две недели, кога ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе своите предлози. Така ќе се спречеше создавање паника кај граѓаните“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Инаку, претходно премиерот Димитар Ковачевски попладнево ги повика пратениците што побрзо да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за акцизи, за да се обезбеди брза имплементација на донесените мерки за заштита на животниот стандард и ликвидност на компаниите.
Тој посочи дека со измените и дополнувањата на двата закона ќе се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати и ќе се ублажи ценовниот шок.
– Овие Закони се однесуваат на повеќе мерки како што е мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 проценти. Мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 проценти при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси се исто така опфатени, како и мерката за намалување на акцизата согласно берзанските цени. Со овие закони ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Ковачевски потенцира дека со усвојувањето на предлог-законите ќе овозможи да се реализираат дел од планираните владини мерки од пакетот со 26 мерки кои Владата ги донесе неделава, со кои пред сè ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски пред одржувањато на денешната собраниската седница, најави дека Пратеничката група на оваа партија ќе гласа за предложените мерки од владата иако смета дека се задоцнети и недоволни.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе пет амандмани со четири суштински забелешки за кои ќе се разговара на Комисијата за финансирање и буџет и се надеваат дека власта ќе ги прифати. Според Стојановски, ќе побараат 50 проценти намалување на акцизата за бензинот и дизел горивата, 100 отсто намалување на акцизата за плинот и метанот, намалување на ДДВ за греењето од 5 на 0 проценти, намалување на ДДВ за енергенсите од узвоз од 18 на 5 проценти и тоа да трае до крајот на годинава.
Алијансата за Албанците, пак, соопшти дека доставила нацрт-амандмани на измените на законите за ДДВ и за акцизи, со кои се предлага акцизата за дизел горивото од 15,5 да се намали на 9 денари, а за бензините од 22 денари на 15 денари, како намалување на ДДВ-то за овие горива 18 проценти на повластена стапка од 5 отсто.
Според Владата, измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.