Почна санација на МНТ за да се реши проблемот со протекување во фоајето


Македонскиот народен театар почна со санација на проодната тераса која се наоѓа на североисточниот дел од првиот кат на објектот – кон Музејот на холокаустот.

МНТ информира дека во изминатите години при обилни дождови беа предизвикувани материјални штети од протекување од терасата во главното фоаје и дека со зафатот ќе се надминат проблемите наследени од самото отворање на театарот и ќе се спречи натамошно руинирање на објектот.
– Средствата, во износ од 1.200.000 денари се во рамките на Годишната програма за 2021 година на Министерството за култура. Искрено се радуваме што есенскиот дел од сезоната ќе го почнеме во безбеден и саниран објект. Во очекување на позитивни вести околу пандемијата од КОВИД-19, ние се подготвуваме повторно за полн салон, со широк репертоар, соопшти МНТ.