Почна реконструкција и проширување на патот од обиколницата до депандансот во Демир Капија


Почнаа градежните работи за реконструкција и проширување на на патот од обиколница до депандансот во Демир Капија, информираше попладнево демиркапискиот градоначалник Лазар Петров.

– Овој потег е со должина од 1.740 метри, а за изведбата на истиот се обезбедени средства во висина од 14.000.000 денари од страна на ЈПДП и „Македонија пат”. Искажуваме голема благодарност за оваа поддршка за нашата општина, која ќе овозможи подобрување на патната инфраструктура во Демир Капија и ќе обезбеди поквалитетен и побезбеден пристап и движење во овој дел од градот, соопшти Петров.

Тој рече дека работите на терен се одвиваат според планот и изрази надеж, во најскоро можно време да се завршат сите активности.

– Постојано работиме на подобрување на квалитетот на животот на сите наши граѓани и ќе продолжиме заедно да ја развиваме Општина Демир Капија во секој сегмент од секојдневието, додаде Петров.