Протестот во Охрид за „Цар Борис Трети“ помина со свирежи, но без инциденти (ВИДЕО)

Имаше и фрлања со јајца кон клубот, беше тензично, но немаше поголем инцидент


 

Во Охрид се одржа протестот пред бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ што го организираше политичката партија „Левица“, а и ВМРО-ДПМНЕ повика на масовност, но тој да биде мирен, демократски и без инциденти.

Според информациите од Охрид, протестот сепак поминал без поголеми провокации и само со довикувања и исвиркувања. Бројот на тие што го изразија револтот беше голем и може да се види од видеото на „Охрид њуз“. Учесниците на протестот свиреа со вувузели, а со себе носеа транспаренти на кои пишуваше „Со фашизмот не се преговара“, „Фашизмот мора да падне“, „Стоп за холокаустот на Македонците“.

Демонстрантите фрлаа со јајца кон клубот, ја пееја македонската химна, извикуваа „Македонија“ и скандираат против цар Борис Трети.

 

Граѓаните во изјава за медиуми велат дека не се против отварање на бугарски клуб во земјава, но дека името на клубот е провокација.

Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно – и цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провикативни, велат насобраните граѓани.

Во Охрид има засилено полициско обезбедување, а  дел од насобраните граѓани се обидуваа да го пробијат полицискиот кордон. Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски рече дека здружението е отворено пред една година со сите документи, со цела почит кон државата, институциите и законите, нагласувајќи дека се запазени сите закони.

– Ние сме почитувачи и само го избравме ликот на Цар Борис Трети, како еден бугарски цар. Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо. Ние си живееме во Охрид, во Македонија. Не сме имале проблем со луѓето. Не сме провоцирале некој. Како што кажав, се се исполитизира и тоа е, изјави Блажевски по отворањето на клубот.

Протестот против отворањето, тој вели дека е граѓанско право и оти не можат да запрат никој.

– Последнава, скоро една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Ние се оградивме дека немаме никаква соработка или некои неонацистички или фашистички движења. Доколку имаме нас нека не судат. Меѓутоа, ние таква работа не сме направиле. Нашето е, како што кажав, само почитувачи и само го избравме ликот на цар Борис како еден бугарски цар и тоа беше се, изјави Блажевски.

Левица, пак, обвини дека нема никаква осуда за отворањето на клубот од СДСМ и ДУИ.

– Ние сме организатори на протестот против фашистичкиот клуб. Денеска ја поднесуваме и иницијативата за референдум против пробугарскиот предлог. Денес сме сведоци како се вее знамето на цар Борис, додека немаме никаква осуда од Владата на СДСМ и ДУИ. Напротив, вчера и отворено МНР на Бујар Османи директно застана на страната на промоција на фашизмот и побара да се почитува правото на почитување на сите граѓани, дури и на оние кои негуваат фашистички вредности, изјави генералната секретарка на партијата, Јована Мојсоска.

Очекуваат, според Мојсоска, нивниот предлог за референдум да помине и на народот да му се даде можност да се изјасни дали е против „уцените од страна на Бугарија“.

– Ќе се бориме и понатаму. Очекуваме предлогот за референдум да помине и народот како што доликува на една демократска земја да се изјасни против сите овие уцени кои доаѓаат од страна на Бугарија со кои Македонија е принудена да се откаже од своето АСНОМ-ско минато, рече Мојсоска.

Таа додаде дека во текот на вчерашниот ден од страна на полицијата бил вршен притисок врз членови на партијата и дека, како што рече, имало „експлицитно пречекорување на нивните овластувања“.

 Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна. По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.