Почна мерењето на квалитетот на воздухот во Струмица


Општина Струмица почна со мерење на квалитетот на воздухот во затворен простор и веќе десетина денови мерењата се вршат во ООУ „Никола Вапцаров“ и Клон 6 на градинката „Детска радост“ во Струмица.

Според Томислав Андреев, раковител на Одделението за заштита на животната средина, ваквото мерење се спроведува прв пат во Општината и државата.

-За да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи примероците ќе се земаат во две фази-за време на студените месеци (ноември до март) и за време на топлите месеци (мај до септември). Програмите за земање примероци во секоја институција ќе опфаќаат период од најмалку една недела и ќе вклучуваат мерења направени пред, за време и по часовите. Факторите кои влијаат на квалитетот на воздухот во затворените простории (согорување на енергеси внатре во објектот, видови на мебел, опрема и слично) исто така ќе бидат документирани. Дополнително, ќе биде анализирана и надворешната средина, вклучително и близината до сообраќајници, индустриски извори на загадување и слично, објаснува Андреев.

Мерењето и анализите ќе ги направи лабораторијата „АМБИКОН“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која е акредитирана за ваков вид на мерења, а мерењата се во согласност со препораките на Светската здравствена организација и локалните специфики за квалитетот на воздухот кои ќе вклучат повеќе анализи.

Паралелно на ова, се врши мерење и анализа на квалитетот на воздухот на отворен простор за период од 12 месеци. По добиените резултати, Општината ќе креира сет на препораки и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на најмладите.

Во рамки на програмата, исто така, се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ за кој ќе биде донирана опрема од страна на проектот за Одделенијата за инспекција и за Одделението за заштита на животната средина.

Мерењето на квалитетот на воздухот во Струмица е во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Струмица, а со финансиска поддршка од Шведска.