Почна изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, дел од напаѓаниот проект со „Бехтел и Енка“

Она што го почна претходната влада на СДСМ со „Бехтел и Енка“ сега го продолжува кабинетот на ВМРО-ДПМНЕ.
Со министерска свита, плус американската амбасадорка Анџела Агелер, денеска беше и официјално започната изградбата на автопатот Тетово-Гостивар. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерите Александар Николоски и Изет Меџити, како и дуги функционери и пратеници.
Премиерот во своето обраќање изјави дека со автопатот долг 18 километри ќе има подобра поврзаност со Јадранското и Јонското Море, што е значајна алка за НАТО. „Ние денес градиме иднина, ние не зборуваме за минатото. Ние не сме заробеници на минатото“.
Тој им се заблагодари на министрите, на градоначалниците, на амбасадорката Агелер и посебно на конзорциумот „Бехтел и Енка“, кого до пред изборите жестоко го критикуваше поради договорот за автопатиштата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, рече дека вредноста на автопатот е 90 милиони евра. Прoeктот предвидува шест сообраќајни ленти, три во секој правец, односно две возни ленти и една за застанување. Тој рече дека автопатот ќе биде готов за две и пол години.
Николоски зборуваше за процесот на забрзаната експропријација на трите делници и рече: „Сакам лично да се заблагодарам на премиерот за подршката на дневна основа. Ние на дневна основа се координираме за овој и за останатите големи проекти“, а се заблагодари и на другите функционери.
На настанот зборуваа и вицепремиерот Изет Меџити, амбасадорката Агелер, директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, и други.
По настанот со реакција се јави СДСМ, кој во партиското соопштение рече дека денешниот камен-темелник„ уште еднаш ја разоткрива целата хипокризија, дволичност и лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Токму проектот со ‘Бехтел и Енка’ што тие со месеци го оцрнуваа, го блокираа и го нарекуваа „историски криминал“, денес со гордост го промовираат. Ако е ‘историски криминал’ дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во криминал? СДСМ инвестираше, градеше, ВМРО-ДПМНЕ кочеше. Но вистината секогаш излегува на виделина“, стои во соопштението.