Почна истражувањето на јужниот пол на Месечината


Лунарниот ровер утрово излезе од индиското вселенско летало Чандрајаан-3 за да почне со истражување на површината на Месечината, објави Индиската вселенска истражувачка организација (ИСРО).

Чандрајаан-3 вчера слета на неистражениот јужен пол на Месечината, неколку дена по падот на руското вселенско летало Луна-25, со што Индија стана првата земја што го стори тоа.

Чандрајаан на хинди и на санскрит јазикот значи „Возило на Месечината“.

Јужниот пол на Месечината е интересен поради водениот мраз, за кој се верува дека може да обезбеди гориво, кислород и вода за пиење за понатамошни мисии, но поради нерамниот терен тешко е слетувањето.

Чиндрајан-3 се очекува да биде во функција две недели, а ќе спроведе експерименти кои вклучуваат спектрометриски анализи на минералниот состав на површината на Месечината.

Ова е втор обид на Индија да слета на Месечината, а за тоа потроши околу 68 милиони евра. Леталото за спуштање во претходната мисија Чандрајаан-2 се урна во 2019 година.