Путин му се закани на Западот и нареди мобилизација, праќа 300.000 луѓе во војна (видео)

„Целите на нашата операција не се променети, се бориме против нацизмот во Украина“, изјави Путин


Рускиот претседател Владимир Путин рано утринава ѝ се обрати на нацијата и рече дека Западот сака да ја уништи Русија и дека станува збор за одбрана на Русија и територијата на Донбас. Тој нареди делумна мобилизација која почнува денеска.

Путин и се обрати на нацијата во долгоочекуваниот говор во врска со најавените референдуми во сепаратистичките региони во Украина. Руската новинска агенција Тас објави дека Путин наредил делумна воена мобилизација почнувајќи од денеска.

На почетокот на долгоочекуваното обраќање до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин рече дека западните земји сакаат да ја уништат Русија. „Целта на Западот е да ја ослабне, подели и на крајот да ја уништи нашата земја“, рече Путин.

„Тие веќе директно кажуваат дека успеале да го поделат Советскиот Сојуз во 1991 година, а сега дојде време Русија да се распадне на многу региони и области кои се непријателски едни кон други“, додаде тој.

„Нашата цел е да го ослободиме Донбас“, рече тој, додавајќи дека доброволците кои се борат во источниот дел на Украина ќе добијат ист статус како и припадниците на руските вооружени сили.

Според него, станува збор за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија и поддршка на сонародниците во одредувањето на сопствената иднина.

„Главните цели на операцијата остануваат непроменети: ЛНР беше целосно ослободена, а ДНР делумно. Специјалната операција беше неопходна за борба против нацизмот во Украина“ – изјави Путин.

Тој продолжи да го оправдува нападот врз Украина обвинувајќи ја за нацизам.

„Наследниците на Бандера, неонацистите, убиваат, мачат и затвораат луѓе“ – рече тој.

Обраќањето на Путин е посветено на граѓаните од регионите ЛНР, ДНР, Херсон и Запорожје.

Во својот говор, Путин му се закани на Западот:

„Доколку е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја, ќе ги искористиме сите средства што ги имаме за да ја одбраниме Русија и нашиот народ. Ветувам дека тоа не е блеф. Територијалниот интегритет на нашата татковина, нашата независност и слобода ќе бидат обезбедени. Повторувам, со сите средства што ги имаме.

Оние кои се обидуваат да не уценат со нуклеарно оружје треба да знаат дека ветровите можат да се свртат во нивна насока“.

Тој додаде дека Западот не сака мир меѓу Русија и Украина.

Рускиот претседател ги поддржа референдумите најавени во четири украински региони и ги обвини западните земји дека не се задоволни со мирно решение на украинскиот конфликт и „затоа на Киев му било наредено да ги прекине преговорите“.

Во телевизиско обраќање до јавноста, Путин рече дека „Москва ќе ја поддржи одлуката што ќе ја донесат граѓаните на регионите Донбас, Запорожје и Херсон на референдумите“.

„Ќе ја поддржиме одлуката за иднината, која ќе ја донесат мнозинството граѓани на Доњецката и Луганската народна република, Запорожје и Херсонската област“, рече Путин.

Тој нагласи дека Русија ќе направи сè што е во нејзина моќ за да ја обезбеди безбедноста на референдумот.

Путин рече дека „терористичките напади, во кои се користи западно оружје, веќе се користат во пограничните населби на регионите Белгород и Курск, кои се наоѓаат во Русија“

 

 

 

Повеќе на темата:

Што е делумна воена мобилизација?