Почна да функционира јавниот електричен превоз во Струмица – билет 30 денари
Од почетокот на годината официјално почна да функционира јавниот електричен превоз во Струмица. Од лани од септември до крајот на годината превозот беше пробен и бесплатен, а од почетокот на новата година и официјално функционира по сите утврдени линии во градот и до населените места.
Според директорот на Јавното претпријатие „Струмица транспорт“, Драги Поп Стојанов, струмичани полека ги менуваат навиките и почнуваат да го користат јавниот електричен превоз.
-Од воведувањето на електричниот јавен превоз од ден на ден се повеќе расте интересот на граѓаните за негово користење, посебно на тие од населените места во Општината. Возниот ред е целосно воспоставен и досега немаме доцнење кон населените места и дневно по осум пати секогаш во ист термин сообраќаме до таму, вели Поп-Стојанов.
Додава дека со одлука на Советот на Општината за субвенционирање на цената на возниот билет сите граѓани можат да се возат за 30 денари на дестинациите во градот и населените места.
-Правиме напори уште повеќе да го доближеме превозот до граѓаните. Тие можат преку специјални картички да го плаќаат возењето и тие можат да се надполнуваат на двата терминали во градот во општинската зграда и во нашето седиште, а во преговори сме со банки надополнувањето на картичките да може да се врши и со кредитна картичка на граѓаните, рече директорот Поп-Стојанов.
Постои можност билет да се купи и во автобусот, но таму тој чини 40 денари и цената е повисока за да се одвраќаат патниците од таквата можност и тоа да го прават преку специјалните картички.
Инаку, од „Струмица транспорт“ ги отфрлаат како тенденциозни и злонамерни шпекулациите дека автобусите не се одржуваат. Велат дека сите автобуси имаат гаранција две години, а гаранцијата на електричната батерија е 8 години.