Починал додека имал секс на службено патување, работодавачот мора да плати обесштетување


Француски инженер починал на службено патување, по срцев удар, откако имал секс со непозната жена, па сега работодавачот ќе мора да му плати обесштетување на семејството, одлучи судот.

Во февруари 2013 година, мажот минал ноќ со жена во хотел во местото Мен сур Лоар, а потоа е пронајден мртов во собата. Францускиот суд смета дека се работи за несреќа на службен пат, па на семејството на починатиот ќе му биде исплатен паричен надомест од страна на работодавачот.

Тоа значи дека членовите на семејството месечно ќе добиваат 80 отсто од износот од неговата плата, сѐ до годината во која покојниот требало да се пензионира.

Во образложението на првичната пресуда, меѓу другото, судот истакнува и дека сексот е една од секојдневните човекови потреби, веднаш до храната и хигиената.

Работодавачот потоа поднел и жалба на пресудата, аргументирајќи дека односот со непозната жена не била негова професионална обврска. Жалбата била одбиена, зашто според законот, вработените на службеното патување имаат право на заштита, независно од околностите.