Почина вирусологот кој го откри ХИВ. Тој беше анти-ваксер, a ширеше и лажни и бизарни теории


Францускиот виролог и нобеловец Лук Монтание, човекот кој го откри ХИВ, почина на 89-годишна возраст во предградие на Париз. Тој ја доби Нобеловата награда за медицина за неговиот придонес во откривањето на вирусот ХИВ.. Монтание почина во вторникот во американската болница Ној-сур-Сен во близина на Париз, објави во четвртокот градоначалникот Жан-Кристоф Фромантин.

Францускиот научник, кој неодамна стана контроверзна личност според стандардите на научната заедница, ја доби Нобеловата награда за медицина во 2008 година за идентификување на вирусот ХИВ со неговата колешка Франсоа Баре-Синуси и колегата Жан-Клод Шерман во 1983 година.

Името на биологот Монтание засекогаш ќе остане поврзано со откривањето на вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) кој предизвикува СИДА. Од 1991 до 1997 година, Монтание го водеше Одделот за СИДА и ретровирус на Институтот Пастер и предаваше на колеџот Квинс во Њујорк Сити до 2001 година.

Стана антиваксер

Неговата научна брилијантност во последниве години беше заматена од ставовите што ги имаше во дискусиите со други научници.

Од 2017 година, тој почна да се спротивставува на вакцините, а кога изби пандемијата на Ковид-19, зазеде став што беше отфрлен од научната заедница. Со контроверзните изјави за вакцините против Ковид-19, Монтание ги стекна симпатиите на анти-ваксерите.

„Отсекогаш сум го барал необичното. Работев напорно во мејнстримот“, се доверил тој во документарниот филм од 2014 година за неговата работа.

Така, меѓу другото, тој ги застапуваше теориите дека причината за аутизмот е микроб, дека папајата лекува некои болести и дека ДНК емитува електромагнетни бранови. Во пандемијата на Ковид-19, тој стана познат по тврдењето дека вирусот САРС-КоВ-2 бил манипулиран во лабораторија со додавање на „ХИВ секвенца“ и дека вакцините се одговорни за појавата на нови варијанти на вирусот.

„Болеста Ковид-19 е создадена во лабораторија во Вухан, која е специјализирана за истражување на коронавирус од последната деценија. Научниците веројатно ставиле РНК од ХИВ во него во потрага по вакцина против тој вирус, па дошло до манипулација. Не знам како излезе вирусот од лабораторија, можеби некој волшебник е виновен за тоа“, изјави Монтание во 2020 година како гостин на ТВ CNEWS.

Неговите изјави кренаа голема прашина, а тие тврдења беа демантирани од Институтот Пастер во Париз, каде што тој беше шеф на Одделот за вирусна онкологија во времето на откривањето на ХИВ во 1983 година.

Тој беше во конфликт со научната заедница повеќе од десет години. По добивањето на Нобеловата награда, Монтание во 2009 година изјави дека силен имунитет е доволен во борбата против ХИВ, за кој тој го поминал најголемиот дел од својата кариера истражувајќи. Тој тогаш теоретизираше дека водата има меморија.

Ваквите тези, отфрлени од виролозите и епидемиолозите, станаа непожелни во научната заедница.