Почина Ратко Младиќ
Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој беше врховен командант на Војската на Република Српска, почина денес на 85-годишна возраст во затвор во Хаг, објавија српските медиуми.
Младиќ беше болен со години, а во последните недели семејството и властите на Србија и Босна и Херцеговина упорно се обидуваа да го преместат во Белград, каде што ќе ги помине последните денови.
Семејството на Ратко Младиќ и неговиот адвокат имаа поднесено барање до Хаг за негово итно пуштање на лекување во Србија, наведувајќи дека поранешниот генерал е во исклучително тешка здравствена состојба.
Затворските евиденции, исто така, потврдија многу сериозно влошување на здравјето на Младиќ, а семејството чекаше одговор од Меѓународен кривичен суд за поранешна Југославија на барањето на Русија и Србија до Советот за безбедност на ОН за негово ослободување од здравствени причини.
Дарко Младиќ, син на поранешниот генерал, неодамна зборуваше за лошата здравствена состојба на својот татко, наведувајќи дека тој умира во болница во Хаг по мозочен удар.
„Животот на мојот татко полека згаснува и за прв пат, еден лекар во Хаг изрази загриженост и всушност се согласи со мојата проценка дека тој умира“, рече тогаш Дарко Младиќ.
Ратко Младиќ претрпел најмалку два мозочни удари во затвор и бил подложен на неколку операции. Младиќ беше уапсен во 2011 година, а во ноември 2017 година, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го прогласи за виновен по 10 од 11 точки од обвинението, меѓу кои и за геноцидот во Сребреница, и го осуди на доживотен затвор.