Почина познатиот менаџер Велибор Џаровски- Џаро


Фото: Б. Грданоски

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.

„Почина дома, со најмилите. До последно се бореше, следеше настани и не се предаваше по мозочниот удар на 24 март и две недели поминати во болница. Им благодариме на сите за пораките, да сте живи и здрави, изјави за медиумите неговата ќерка Милица Џаровска.

Џаровски соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, но исто така беше познат како „крал на местенките“ во фудбалот, нешто што самиот никогаш не го криеше и отворено зборуваше за тоа.

Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена се само некои од музичките ѕвезди со кои соработуваше Џаровски и на кои им организираше турнеи. Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.

Џаровски остави силен впечаток и во југословенскиот фудбал, каде што, како што самиот призна, наместил повеќе од 80 натпревари во сите рангови на натпреварување, оставајќи зад себе легендарни приказни за тоа.

Фото: Б. Грданоски

Минатата година беше промовирана биографската книга за Велибор Џаровски – Џаро, „Живот на коцка“. Авторка на книгата е неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска, која на еден забавен начин ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Книгата ја издаде издавачкиот центар „Три“.

„Мене ми е жал што младиве генерации за Џаро го знаат само по превари и местење утакмици. Не ќе да е така, дечки. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Без разлика на сите прикаски што ќе ги прочитате во книгата. Ги донел најголемите балкански ѕвезди, да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес не ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече промоторот, актерот Игор Џамбазов, лани, на промоцијата, во хотел „Парк“, пред бројните гости од естрадата и медиумите, на втората, свечена промоција на автобиографската книга за естрадниот менаџер Велибор Џаровски-Џаро.

„Многу пати во јавноста сум ги споделувал моите приказни, но време беше да се стават и на хартија, тие и уште некои, кои досега ги немам кажано. Мојот „живот на коцка“ не се однесува само на коцката, туку на начинот на кој го живеев во едно поинакво време, па затоа ѝ дозволив на ќерка ми да го стави токму овој наслов. Но, и денес, иако побавно се движам, знам да им кажам на помладите: „Јас имам проблем со ногата, немам проблем со главата“, изјави Џаровски на промоцијата.

Фото: Б. Грданоски

Погребот е утре во 13 часот во капела во Ѓорче Петров.