Почина писателот и поет Благој Самоников


На 82 година вчера почина поетот и културен работник, Благој Самоников. Роден на 7 март 1942 во Штип, тој е автор на повеќе поетски книги: „Големиот град“ (1982), „Погрешна претстава“ (1986), „Сомотска пустина“ (1993), „Книга без посвета“ (1999) „Патување за Итака“ (2005), „Вистини без искуство“ (2007), „Неизносена ведрина“ (2010), „Неприпитомена надеж“ (2012), „Отворена книга“ (2014), „Допрено време“ (2015), „Непроѕирна светлина“ (2016), „Песни за мали и големи деца“ (2018) и „Подземно виножито“ (2019).

Самоников најголем дел од свјот работен век го помина во Домот на културата како директор и стручен соработник. Од 2004 до 2006 година беше директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“.

Комеморација во негова чест ќе се одржи на 21.02.2025 (петок), во 12 часот во малата сала на Домот на културата во Штип.

„Замина човекот кој се заложи Домот на културата во Штип да се именува “Ацо Шопов”, во чест на еден од најголемите македонски поети и кој ја направи оваа институција вредна за почит. Замина писателот и поет кој дишеше и живееше за убавиот пишан збор и за уметноста воопшто. Замина кон ЗАСВОДЕНОТО ВРЕМЕ за кое самиот ќе рече дека е “единственото место на светот каде можеш да ги пронајдеш сите работи кои некогаш во животот си ги изгубил, а никогаш не си ги имал“. Нека му е светол патот кон ЗАСВОДЕНОТО ВРЕМЕ“, изразија сочувство од театарот во Штип.