Почина нобеловецот Марио Варгас Љоса, џинот на јужноамериканската култура
Љоса беше еден од великаните на латиноамериканскиот книжевен „бум“ од 1960-тите и 1970-тите, заедно со Колумбиецот Габриел Гарсија Маркез и Аргентинецот Хулио Кортазар

Перуанскиот писател Марио Варгас Љоса, џинот на јужноамериканската култура, почина на 89 години, објави неговото семејство. Роден во перуанско семејство од средна класа, Варгас Љоса беше еден од великаните на латиноамериканскиот книжевен „бум“ од 1960-тите и 1970-тите, заедно со Колумбиецот Габриел Гарсија Маркез и Аргентинецот Хулио Кортазар. Во 2010 ја прими Нобеловата награда за литература.
Роден на 28 март 1936, Варгас Љоса како тинејџер посетувал воена академија во Лима и работел како локален новинар. Како студент по право и литература почнал да пишува раскази, а во 1959 како франкофил, се преселил во Париз и таму живеел неколку години. Во 2016 година стана првиот странски автор додаден во престижната книжевна збирка Плејада за време на неговиот живот. Тој беше именуван во Француската академија на истакнати интелектуалци во 2021 година.
Првиот роман „Времето на херојот“ го објавил во 1963 и веднаш остварил успех, што го продолжил со вториот роман „Зелената куќа“ од 1965, со кој го потврдил својот статус на клучен јужноамерикански автор.
Во кариерата напишал повеќе од 50 дела, вклучувајќи ги романот „Војната на крајот на светот“ од 1981 и политичкиот трилер „Празникот на прчот“ од 2000.
Својот последен роман насловен „Тешки времиња“ го објави во 2019, но три години подоцна излезе неговата прва детска книга „Фончито и месечината“. Истата година најави дека работи на роман за перуанската музика.
„‘Марио, единствената работа за која си добар е пишувањето‘, ми кажа бившата сопруга Патрисија еднаш. Тоа го прифатив како комплимент, зашто никогаш не сум се откажал од порокот, страста и чудото на пишувањето“, изјави Варгас Љоса во 2010.