Почина момчето кое падна во бунар во Авганистан

Петгодишното момче кое падна во одводен бунар длабок 25 метри во југоисточен Авганистан почина, соопштија локалните власти, јавува Еуроњуз.
„Хајдар не напушти засекогаш. Ова е уште еден ден на жалост за нашата земја“, напиша на Твитер секретарот на Министерството за внатрешни работи.
Момчето во вторникот паднало во бунар, а утрово спасувачите го извлекле. Според медиумите, тој бил жив кога стигнале до него, но бил во многу лоша здравствена состојба. Тој починал набргу откако бил извлечен.
Неговиот дедо изјави за АФП дека Хајдар паднал во дупка додека се обидувал да им „помогне“ на возрасните да дупчат нов бунар во селото.
Според официјални извори, момчето паднало во дупка длабока 25 метри, но го влечело јаже на длабочина од 10 метри каде се заглавило. Спасувачите се обиделе да го расчистат просторот со багери за да стигнат до момчето, но тие биле забавени поради карпестиот терен.
Тоа им успеа дури во петокот наутро, за жал предоцна.