Познатиот новинар и воен аналитичар, Мирослав Лазански, почина на 71 година


Српскиот амбасадор во Русија, долгогодишниот новинар и воен аналитичар Мирослав Лазански почина во Белград на 71 година.

Лазански е роден во 1950 година во Карловац. Дипломирал на Правниот факултет во Загреб, каде што ја започна својата новинарска кариера во хрватските магазини и весници. Прво во „Полет“, подоцна во „Вјесник“, „Старт“, „Данас“. Потоа, кога Југославија се распаѓаше, во 1991 се префрли во Белград и ги застапуваше просрпските ставови во војните што следуваа. Лазански почна да работи во „Политика“, каде што беше сѐ додека не беше назначен за српски амбасадор во Русија во 2019 година. И после тоа, тој продолжи да пишува за весникот од време на време.

Тој известуваше од Сирија, Сомалија, Крим, известуваше и за војните во Авганистан, Чеченија, Конго, Ирак, Иран, Либан, Јемен и Либија…

Лазански интервјуираше двајца врвни команданти на НАТО, тројца маршали на СССР, шефови на КГБ, КХАД, педесетина министри за одбрана и началници на генералштабовите на светските армии, вклучувајќи ги и началниците на генералштабовите на Руската Федерација, кинеската и јапонската војска. Единствениот југословенски новинар кој пловеше во нуклеарната подморница, американскиот „Таутог“, леташе со авион „Ф-14“, беше на носачот на авиони и полета во „Миг“ 29, пишува „Политика“.

Секогаш близок до српските властите, особено во последниве години, Лазански со неговата умешност можеше да го одбрани неодбранливото но со тоа и да го доведе во прашање својот новинарски кредибилитет. Со години го следи ознаката дека е русофил, од која тој и не се бранеше многу. Неговата дипломатска позиција во Москва на некој начин дојде како затворање на кругот.

Татко му Владимир беше воено лице, а најпознат член на неговото семејство е неговата тетка – Билјана Плавшиќ.