Почина легендарниот бразилски фудбалер Пеле


Легендарниот бразилски фудбалер Пеле почина денеска на возраст од 82 години, по долга борба со болеста, јавуваат бројни светски медиуми.

Едсон Арантес до Насименто – Пеле беше еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, голема икона, а последните години се бореше со рак на дебелото црево. Од 2021 година се лекуваше од рак на дебелото црево, а последниот месец го помина во болница.

Смртта ја потврди неговиот агент Џо Фрага.

Пеле освои рекордни три Светски првенства во фудбал (во 1958, 1962, 1970 година), а учествуваше на четири, и стана една од најистакнатите спортски фигури на минатиот век.

Во текот на кариерата играше за Сантош и Њујорк Космос.

Рекордер е во Бразил по бројот на голови. Мрежата ја затресе 77 пати во 92 натпревари.

Пеле го држеше рекордот по постигнати голови за националниот тим до неодамнешното Светско првенство во Катар, каде Нејмар го повтори достигнувањето.

Во 2000 година, ФИФА ги прогласи Пеле и Диего Марадона за најдобри фудбалери на 20 век.