Почина Мирко Новосел, хрватската и југословенска кошаркарска легенда


 

На 86-годишна возраст почина членот на Куќата на славните на кошарката Мирко Новосел, јавија хрватските медиуми.

Новосел беше врвен кошаркар и тренер, еден од најдобрите што ги имаше Хрватска.

Новосел ја одбележа хрватската кошарка како исклучително успешен тренер и творец на големиот тим Цибона во 80-тите години на минатиот век. Во Локомотива играше кошарка 14 години, а потоа реши да стане тренер.

Загребска Локомотива подоцна го доби името Цибона, а заедно со Новосел стана еден од најдобрите европски клубови. Првиот шампионат на Југославија го освои со Цибона во 1981 година, откако во клубот го донесе Крешимир Ќосиќ. Во таа ера Цибона освои три југословенски првенства и седум купови, но тоа не беше доволно, па Новосел го доведе Дражен Петровиќ, кој ја предводеше Цибона до европскиот шампионат.

Новосел ќе остане запаметен како најтрофејниот хрватски тренер. Со репрезентацијата освои бронза на Европското првенство во Германија во 1993 година, а претходно се погрижи во 1992 година на Олимписките игри да се појави најсилната хрватска репрезентација на сите времиња и да освои сребро против американскиот Дрим Тим.

Беше и селектор на Југославија со која освои сребро на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година, а во Москва во 1980 година освои и злато. Четири години подоцна во Лос Анџелес ја освои бронзата. Со Југославија освои и четири медали на светските првенства – сребро во 1974 година, злато во 1978 година и две бронзи во 1982 и 1986 година.

Одличните резултати му обезбедија влез во Куќата на славните во американскиот Спрингфилд во 2007 година, а ФИБА го вклучи во својата Куќа на славните во 2010 година. Тој остана во Цибона до крајот, беше назначен за почесен претседател и со советите им помогна на раководството на клубот.