Почина Дејвид Кох, милијардер и прв републикански донатор


Дејвид Кох, американски милијардер и еден од познатите браќа Кох, најистакнати поддржувачи на Републиканската партија, почина денеска на возраст од 79 години.

Телевизијата „Ен-Би-Си“ пренесе соопштение од постариот брат на милијардерот, Чарлс Кох.

– Со болка во срцето, објавувам за починувањето на брат ми Дејвид, напиша Чарлс.

Според него, кај брат му пред 27 години бил дијагностициран рак на простатата кој прогресирал.

Дејвид Кох лани напушти раководна функција во „Кох Индустрис“, енергетско-хемиски гигант. Според „Форбс“, браќата Кох се на 11. место на листата на милијардери за 2019 година. Во моментот на смртта Дејвид Кох остава капитал и сопственост во вредност од 42.4 милијарди долари.

Во децениите што изминаа, браќата Кох се наметнаа како први спонзори на Републиканската партија и изградија мрежа од донатори за организации кои агитираат избирачи и влијаат на избраните официјални лица за промоција на либертаријански економски политики.

„Њујорк тајмс“ оценува дека со своите активности Кох „го зацврстил десничарското и либертаријанско движење кое ја променило политиката“ во САД.

Според „Ен-Би-Си“, конзервативната донорска мрежа, раководена од организацијата Американци за прогрес, изминатите неколку изборни циклуси потрошила 1 милијарда долари за поддршка на кандидати кои промовираат слободен пазар, минимално мешање на владата во бизнисот и економијата и либертаријански идеи.

Организацијата е во спор со политиките на претседателот Доналд Трамп. Лани започна кампања вредна повеќе милиони долари за промоција на слободна трговија и заканите од воведување царини. Во 1980 година Кох водеше кампања за потпретседателски кандидат од Либертаријанската партија.

Покрај политика, Дејвид Кох се занимаваше и со филантропија. Поддржуваше медицински истражувања за борба против ракот и има донирано 65 милиони долари во Линколн центарот во Њујорк за обнова на Музејот на уметноста Метрополитен.

Кох беше оженет со 22 години помладата сопруга Јулија Флешер, моден дизајнер, од чиј брак има три деца.