Почина аниматорот Марсел Јанкович, еден од авторите на култната цртана серија „Густав“


Славниот унгарски аниматор, сценарист и режисер Марсел Јанкович, еден од авторите на култната цртана серија „Густав“, почина во саботата на 79-годишна возраст.

Унгарската академија на уметностите, чиј почесен претседател беше Јанкович, ја објави веста за неговата смрт нарекувајќи го „визуелен уметник и јавна личност, експерт за бајки со исклучително разновидно широко дело“.

„Неговиот опус останува важен дел од унгарската култура“, се вели во соопштението до јавноста. Јанкович е роден во 1941 година во Будимпешта. Откако му било забрането да се запише на Архитектонскиот факултет од политички причини, се вработил во фабрика, а наскоро и во филмската компанија „Панонија“, каде во 1965 година стана директор на анимација.

Во 1974 година, унгарскиот аниматор беше номиниран за Оскар за краткиот филм „Сизиф“, а во 1977 година беше награден со „Златна палма“ во Кан за филмот „Борци“. Награден е и на фестивали во Бејрут, Солун, Анеси, Загреб и други.

Унгарската академија истакна дека Јанкович соработувал со членови на златното доба на унгарската анимација, како Јозеф Неп и Атила Даргај, со кои работел на култниот петминутен цртан филм за возрасни „Густав“.

Јанкович работеше и на екранизации на познати унгарски бајки и драми. Тој беше најважниот претставник на модерната унгарска анимација.