Загина Андреј од ДНК – се спасил од пожарот во Кочани, но се вратил да спасува девојчиња


 

Македонската естрада е во шок. Андреј Ѓоргиески (1982, Скопје), еден од членовите на дуото ДНК, им подлегнал на повредите од пожарот во Кочани кој избувна утринава пред 3 часот. Од релевантни извори во јавноста се прошири дека Андреј се спасил, но се вратил да спаси девојчиња и повеќе не излегол од внатрешноста. Зад себе остави сопруга и десетгодишна ќерка. Владимир Блажев-Панчо, вториот член од дуетот ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка, но е свесен. 

Андреј и Панчо од ДНК

Животот го загубија и Александар Ефремов, фотограф на бендот ДНК, како и вонр. проф. м-р Сара Пројковска, која во бендот беше придружен вокал. Меѓу загинатите е и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Филип Стевановски .

На социјалните медиуми колегите се простуваат од загинатите. 

„Голем човек, големо срце, голема загуба. Почивај во мир добро човече, баш на оваа песна ви пеев пратечки вокали. Пеј како што си знаеш ти најгласно, најубаво таму горе. Не сакам да верувам“, објави Антониа Гиговска, споделувајќи ја песната од ДНК „Ако утре ме нема“.