Почина Аљоша Исмаиловски – Аљо, басистот на култната група „Лева патика“


Замина уште една урбана скопска, но и македонска музичка легенда. Почина Аљоша Исмаиловски Аљо, врвен македонски музичар, кого јавноста најмногу го паметеше како басист на култната група „Лева патика“. Животот го продолжи со проектите за внатрешен дизајн за кои беше исклучително баран. 

Иако свирел во повеќе македонски групи, како „Чуден крој“ на пример, сепак ќе остане запаметен по тоа што беше член на легендарната македонска група „Лева патика“ или подоцна само „Патика“, која ќе настане од поранешните членови на групата „Пу“.

Во постава: Аљоша Исмаиловски – Аљо (бас и вокал), Бошко Доневски Чико (тапани), Драган Груевски Груле (гитара), Гранит Таки (вокал) и Рамис Јусуфи- Цики (клавијатури) кон крајот  на 80-ите и почетокот на 90-ите  ќе го снимат албумот насловен по името на групата, на кој по долги години од неговото појавување ќе се најде и мегахитот „Неправда“.

Нивниот албум “Патика”  во вид на ЛП плоча ќе го издаде издавачката куќа „Сузи“ од Загреб, а ќе го продуцираат  Питер Мак Тагарт и Љубомир Бранѓолица. Албумот содржи 10 песни.

„Неправда“ со тоа конечно ќе се најде на еден носач на звук и како сингл, а песната подоцна ќе биде прогласена и за македонски хит на столетието,една од оние вечни евергрин хитови кои го свират и пејат и новите генерации.

Аљоша Исмаиловски, како и останатите членови на групата подоцна ќе престанат целосно или само повремено ќе се занимаваат со музика, секој работејќи во свите бизниси.

„… Најди го својот мир таму некаде Aljo Waldor …

Продолжи да чекориш на некое поубаво место и искачи се по твоите Stairway to Heaven…
Сите кои сакаат за последен пат да се простат од уште една урбана легенда која си замина на некое друго место ќе може тоа да го сторат утре – вторник 25.02.2025г. во 14.00h. Капела бр. 1 на градските гробишта Бутел – Скопје.
Почивај во мир Аљо…“  – споделила  на својот Фејсбук профил неговата сопруга Елена.