ПОЦ, покрај паркирањето, и ќе ја чисти Општина Центар


Фото: Б. Грданоски

Јавното претпријатие Паркинзи на Општина центар, треба да почне со новата дејност, одржување на хигиената, а за таа цел средба остварија Горан Герасимовски градоначалникот на општина Центар со Васко Кичевски, директорот на ЈП „Паркинзи на општина Центар“

Неколкупати досега беше најавено дека ЈП ПОЦ, настрана од дејноста за,организирање, управување, уредување и одржување на јавните,паркиралишта ќе добие дополнителна комунална дејност за одржувањето на јавната,хигиена на целата територија на Општина Центар.

„На денешниот состанок разговаравме за првичните постапки кои треба да се направат во ЈП ПОЦ за да се одвои и зајакне секторот јавна хигиена во посебен нов сектор. Првично треба да се дефинира новата структура на претпријатието и постапките за префрлање на хигиеничарите кои се вработени и механизацијата во ПОЦ. Потоа ќе се направи структура за потребните одделенија, број на координатори, поделба на општината на реони и проценка на потребните капацитети. Со ваков пристап ќе бидеме сигурни дека ќе располагаме со доволно ресурси и прецизен план на работа за да ја одржуваме општината чиста. Анализата за структурата на новиот сектор ќе започне да се прави наредната недела, а по одлука на советот ќе се започне со нејзино спроведување“, изјави Герасимовски.

Во меѓувреме се зајакнуваат и механизациските капацитети на претпријатието со нова
цистерна за чистење на улиците која треба да пристигне најдоцна до февруари наредната година. Претпријатието треба да добие и три метларки и дополнителна една помала за чистење на пешачките зони.
На овој начин сметаат дека се решава проблемот со уличната хигиена. Со проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и во секое време. Дополнително ќе се воведат и  „маалски патроли“ кои ќе бидат задолжени за грижа и заштита од уништување на јавното добро и урбаната опрема.