Победникот на натпреварот во лежење во Црна Гора демолирал медиум што го нарекол „џаболебар“


 Победникот на овогодишниот 12. Натпревар во лежење во Црна Гора, Жарко Пејановиќ, познат како Кнеле од Забјело, упаднал во просториите на дневниот весник „Дан“ и физички ги нападнал вработените, кршејќи  инвентар, бидејќи во информацијата за неговата победа го нарекле „најголем џаболебар“.

Настанот се случил синоќа и во таа прилика биле повредени технички уредник и новинар.

Натпреварот во лежење се одржува секоја година во Етно село Монтенегро во Брезна. Пејановиќ е годинашниот победник по 55 часа непрекинато лежење. Порталот појаснува дека „најголем џаболебар“ веќе неколку години е востановената титула за победникот на овој веќе традиционален натпревар.

Пејановиќ, се вели, почнал да прави хаос веќе во рекламниот оддел на „Дан“, па продолжил и во другите редакции. Полицијата интервенирала и тој бил приведен.

Инаку, речиси сите портали во Црна Гора и регионот објавија за натпреварот и сите го користеа „најголем џаболебар“.

По тој повод и полицијата излезе со соопштение во кое прецизираше дека Пејановиќ физички го нападнал техничкиот уредник на редакцијата А.Ј. и го скршил стаклото и дел од инвентарот во овие простории. А.Ј. во оваа прилика се здобил со повреди во вид на гребаници на раката.