Победа што се претвори во пораз

Мицкоски дозволи да биде „заведен“, а по се изгледа и наместен од партии кои вртат страна додека ставаат потпис на документ


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше вчера редок искрен момент- оцени дека треба да размисли дали вреди и натаму да се занимава со политика. Откако ја сведе целата своја опозициска улога во постојан обид за уривање на власта, Мицкоски се стави самиот во ситуација, место да бара оставка на актуелниот премиер, да го отвори прашањето за неговата оставка како прв човек на опозицијата.

Освен што го спаси премиерот Зоран Заев со избрзаното гласање за доверба на владата, Мицкоски покажа дека е толку заслепен од желбата да се инсталира брзо на Илинденска, што успеа огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори да ја претвори во срамен пораз во македонскиот Парламент. И не само пораз, бидејќи не обезбеди ни пратеници за да изгласаат дневен ред на седницата а не пак недоверба, туку дозволи да биде „заведен“ а по се изгледа и насамарен од партии кои вртат страна додека ставаат потпис на некој документ.

Она што треба да го расправаат сега во ВМРО-ДПМНЕ, место да спинуваат колкав губитник е Зоран Заев, е дали Мицкоски беше намерно наместен да се делигитимира самиот како лидер на најголемата опозициска партија во државата.Дека тоа нема да се случи, и дека оваа партија ќе продолжи со деструктивната политика која сега се претвора во самодеструктивна, покажа папагалското барање брзи предвремени избори – само еден саат откако понижувачки им пропадна големата најава за ново парламентарно мнозинство и за паѓање на владата на СДСМ. И тука не помагаат смешните спинови за наводно киднапирање на Кастриот Реџепи, за насилство и недемократски методи на власта, па ни хируршката интервенција на Мицкоски кои имаа за цел да го одвратат вниманието од прашањето – како воопшто дојдоа до идеја во ВМРО-ДПМНЕ дека со тие партии со коишто беа, со тоа мнозинство што го имаа (само еден пратеник) и со најавата дека целта им е да ја урнат владата, па потоа да се договараат што потоа, можат да изведат таков парламентарен преврат? И тоа не било каков , туку да ја урнат од власт ДУИ, партијата која зад себе има толкав стаж во опстојувањето во власта што не може да се спореди ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ.

Зошто партија, што по локалните избори владее во 42 општини во Македонија вклучувајќи го и Скопје си дозволи вакво политичко слепило и ваков аматеризам? Зошто не можеше да издржи ниту една недела по освојувањето на локалната власт, па се полакоми за брза и апсолутна власт во Македонија? (Не)гласањето доверба на владата вчера всушност беше кулминација на перманентните блокади и опструкции на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот и на тешките квалификации, навреди, потсмевања и омаловажувања на политичките противници на ниво што не постоеше никогаш во Македонија. А ВМРО-ДПМНЕ  во моментов е најголема политичка партија во Македонија,со најстабилни поддржувачи која треба да биде столб на државата и со посебна одговорност да ги мери своите потези бидејќи има огромно влијание на состојбите. Место тоа, Мицкоски влезе во политичка авантура со коалиција што беше идеолошка каша-попара, прати порака дека се загрозени сите стратешки определби на земјата, дека правецот ќе се менува и дека дури и една Левица му е прифатлив партнер – ако целта е доволно прагматична.

Од оваа кратка временска дистанца тешко е да се каже кој заврши како најголем губитник од неуспешното гласање за доверба на владата – дали Мицкоски, кој поверува дека може да верува на збор на Беса, партија која му заби нож во грб на коалициониот партнер, или Беса која сакајќи повеќе власт заврши во опозиција. Од оваа епизода загуби и Левица бидејќи се виде какви аматери се и со какви наивни аргументи повикаа на „радикализација“ на опозицијата, нешто што беше манир пред десет и повеќе години во нашата политика. Губитник е и Алијансата чиј лидер направи пакт со тие што сакаа да го претепаат до смрт, така што овој политички флерт со ВМРО-ДПМНЕ ќе го чини гласови на следните избори, а да влезе во власта на овој начин нема шанси. Алтернатива очигледно седеше на две столчиња и наредните денови ќе покажат каква била вистинската математика зад вчерашните случувања.

Крајно време е ВМРО-ДПМНЕ да сфати дека само апсолутна власт не е власт туку има и други, и дека не може да ја урне владата само на начинот на којшто го правеше тоа до вчера, дестабилизирајќи и парализирајќи ја државата. Позитивен пример за тоа има во своите редови во Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ кој освои најмногу гласови на изборите. Тој им покажа дека со конструктивен пристап може да се води исто така битка на политичкото поле а нема штета, и тоа го ценат многу повеќе граѓаните. На крајот на краиштата партија што беше над десет години на власта и која се уште ја носи таа хипотека, треба да покаже дека може да издржи барем еден мандат во опозиција, а не од првиот ден да ја урива власта и да ја парализира нејзината работа. Поточно, место да се срами од политичкиот циркус што се случи во парламентот, за што на социјалните мрежи имаше коментар дека му ја зел публиката на Нетфликс, раководството на партијата да седне и да се запраша каде и како ја води ВМРО-ДПМНЕ.