По земјотресот, градат отпорни станови


Речиси 1,3 милиони отпорни живеалишта се изградени во Турција по земјотресот во 1999 година.

По катастрофалниот земјотрес што го погоди регионот Мармара на 17 август 1999 година, активностите за намалување на ризикот од катастрофи и обнова на урбаните средини интензивно се спроведуваат во Турција во текот на изминатите 26 години, објави Министерството за животна средина, урбанизам и климатски промени.

Во координација на министерството и преку Управата за масовно домување (ТОКИ), стотици илјади нови станбени единици се изградени низ целата земја, објавува новинската агенција Анадолу. Како што е наведено, Министерството инвестирало вкупно 6,2 милијарди лири (oоколу 130 милиони евра) во проекти во областа на урбанистичкото планирање и заштитата на животната средина во претходните 23 години.

Според податоците на ТОКИ, низ цела Турција се изградени 1.292.270 станбени единици отпорни на земјотреси, додека 63.596 помошни објекти, како што се училишта, болници и културни центри, се пуштени во употреба, а уште 396.686 станови се во изградба.

Проектите спроведени во ризичните градежни зони вклучуваа милиони станбени единици, а преку разни мерки за поддршка, како што се помош за кирија, купување недвижности, услуги за дизајн и субвенции за камата, се прави напор истовремено да се обезбеди реконструкција на зградите лоцирани во подрачја склони кон земјотреси и да се подобрат стандардите на модерниот урбанизам.

Под координација на Дирекцијата за урбана трансформација, активностите се спроведуваат во 291 ризични зони и 1.063 резервни градежни зони.

Од 2012 година, приближно 2.317.000 станбени единици се вклучени во процесот на урбана трансформација.

Сепак, и покрај овие заштитни мерки, Турција не успеаја до крај да ги заштити своите граѓани од земјотреси, па така во земјотресот од 2023 година, на границата со Сирија, забалежани се над 20.000 жртви во Турција и околу 3.500 во Сирија.  

Бројот на турските жртви беше токлку голем, токму поради несеизмички градени згради, кои се уриваа како да се направени од карти, додека згради до нив успеваа да останат нечепнати. Еден градоначалник на помал град на линијата на земјотресот стана херој, затоа што во неговиот град немаше жртви. Имено, додека бил градоначалник не издавал дозволи за градба доколку не биле обезбедени сите потребни безбедносни услови. Градот Ерзин остана недопрен по силниот земјотрес во Турција и ниту една од зградите на ова место не се сруши, иако е оддалечен само 113 километри од епицентарот.

Според турскиот весник „Хуријет“, ова се должи на рестриктивните активности на градоначалникот Екеш Елмасоглу, кој не дозволил да се кршат важечките стандарди во градежништвото.

Во целиот град со 42.000 жители беа оштетени само неколку семејни куќи и џамии. Обемот на уништувањето е мал и затоа што најголем дел од станбените објекти се со четири ката, а највисоките згради имаат пет ката.

„Не дозволив илегално градење под никакви околности. И покрај тоа, имаше некои кои се обидоа. Во почетокот не бевме во можност да ги следиме зашто немавме доволно персонал, но подоцна ги пријавивме тие луѓе во канцеларијата на обвинителот и ги срушивме нелегално изградените објекти“, вели Елмасоглу.

Градовите како Османија кои се само 19 километри оддалечени од Ерзин, беа целосно уништени. Тамошните жители побараа спас и помош кај нивните роднини и жителите во Ерзин.