По вторпат се одложи судењето за тепањето на Пендиков


Судскиот процес против охриѓанецот Илија Спасески, обвинет за тепањето на сограѓанинот Христијан Пендиков, денеска се одложи по вторпат затоа што обвинетиот не се појави на рочиштето во судот поради здравствени причини.Неговиот адвокат Димитрија Цобоски пред судот претстави извештај од специјалист со вчерашен датум (11 јули)со дијагноза тромбофлебит, односно воспаление на вените, поради што на Спасески му е препишана 15-дневна терапија и домашно лекување. Бранителот побара од судот на неговиот клиент да му биде укината забраната да ја напушта земјата за тој да може да се лекува во странство, но судијата го одби барањето.

Оштетениот Пендиков, кој во Охрид доаѓа вторпат откако се лекуваше во Софија и откако доби бугарски пасош, се појави на рочиштето.Ова е второ рочиште по ред кое се одложува. На претходното, адвокатите на обвинетиот го напуштија судењето и немаше услови за негово одржување.

Пендиков пак се пожали, адвокатот водеше борба да не се одговори дали со тепачот се знаат од порано. Тој исто така повтори дека се чувствува загрозено во Македонија но не бара обезбедување од МВР, иако имаше обезбедување во Бугарија.

„Се чувствувам загрозено. Добивам закани на социјални мрежи – ‘Месенџер’, ‘Инстаграм’. На коментари си читаме закани кај што сакаат да нè убијат. Не се чувствувам добро. Пријавено е во полиција пред неколку месеци и сега пак неодамна. Редовно си пријавуваме. Пријавено е во ОБСЕ, секаде“, рече Пендиков.

На прашањето како престојува во Македонија ако добива закани, тој одговори: „Престојувам нормално, со надеж дека нема да нè убијат следниот пат“.