По успехот на Санденс, „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски ќе го освојува светот


Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски во повеќе земји, објави „Вараети“. Филмот минатиот месец имаше светска премиера на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде освои две награди: наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.

 

Според „Вараети“, „Филмс бутик“ го продаде филмот за диструбуција во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија, а во тек се преговори за дополнителни земји.

„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.

По премиерата на 24 јануари, во холивудските медиуми излегоа позитивни критики, како на пример: “Елегантен и привлечен“, „Инспиративна приказна за созревањето…“ во критиката на „Холивуд рипортер“ .

„Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.