По Созопол и Ловеч, групната изложба „Слобода?!“ и во Плевен
Во Уметничката галерија „Илија Бешков“ во Плевен вечер ќе биде претставена групната изложба „Слобода?!“, која е дел од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија. Изложбата ќе остане отворена за посетителите до 12 август 2022 година.
Оваа патувачка изложба досега ги посети градовите Созопол и Ловеч.
Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица).
Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).
Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната Ликовна Академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.
Во изложбата најзастапени се сликарските дела. Се среќаваат различни техники и авторски искази кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење на различни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид. Употребуваните сликарски материјали се движат во широк дијапазон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата која може да е хартија, платно или МДФ. Со сликарски дела се претставуваат Беди Ибрахим, Катерина Деспот, Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, Нина Русева, Перица Георгиев – Пепси и Свилен Стефанов.
Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат. Со свои графички дела учествуваат уметниците Срѓан Микиќ, Павел Целкоски, Васил Колев, Зоран Мише и Иво Пецов.
Плакатната уметност е претставена со делата на двајца од авторите. Со користење на компјутерските можности за дизајн и дигитален печат, како и со умешноста во областа на визуелната комуникација се претставуваат авторите Георги Јанков и Маријана Иванова.
Од вкупно 40 дела кои ја составуваат изложбата 3 се фотографии од концептуални дела на македонскиот уметник Јован Шумковски, кои сами по себе претставуваат посебна ликовна единица.
Изложбата е составена од авторските наслови како: „Птици“, „Право или праведност“, „Реквием“, „Ослободително средство“, „Изохипси од Африка“, „Храбар нов свет“, „1984“, „Приказната на слугинката“, „Цикада“, „Реминисценции“, „Пејзаж“, „Почеток“, „Крај“, „Каде одиш?“, „Слободата, портал кон вистината“, „И во огнот штом ќе запролети“, „20 години матура“, „Артефакт“, „Фраер“, „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“, „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, „Проникнување“, „Летен ручек“, „Копчето на длабокото езеро“, „Тотем – нескршлив дух“ и „R = 1: 2 и 1 : 200“, информираат од КИЦ на Република Северна Македонија во Софија.