Ќе се продава недовршената Градска куќа за 12,7 милиони евра
Град Скопје ќе ја продава барокната Градска куќа која почна да ја гради поранешниот градоначалник Коце Трајановски, кој сѐ уште е во градба на улица „Лазар Личеноски“ бб (на Кејот на Вардар).
Објектот, во кој требаше да се всели градската администрација, ќе се продава на јавна аукција, а почетната цена е 12,7 милиони евра.
Извештајот за проценката на вредноста на објектот ја направиле од лиценцираниот правен субјект „ABC Brother“ од Скопје.
Почетната цена на јавното наддавање е сумата за која беше изградена Градската куќа, се вели во одлуката на градоначалникот Петре Шилегов за која денес ќе одлучуваат членовите на Советот на Град Скопје.
„Причините за продажба на недвижен имот – Градска куќа е поради недоволниот капацитет на внатрешните простории во кои е потребно да се смести администрацијата на Град Скопје“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.