По одлуката на СПЦ – еден чекор напред или сто чекори назад?


 

Големи недоумици предизвика денешната одлука на Соборот на Српската православна црква за статусот на МПЦ-ОА. Што значи тоа – дека нема признавање на автокефалноста и само доделување статус на автономност каква што беше до 1959 или чекор напред во односите меѓу двете цркви.

„Тоа не е само еден, туку 100 чекори враќање наназад за македонската црква, којашто во 1967 година прогласи автокефалност. Со ваквата одлука за автономија всушност ќе треба да се откажеме од одлуката на МПЦ за прогласување автокефалност“, оценува познавачот на верските состојби Бранко Ѓорѓевски за Дојче веле. 

Како што се наведува во соопштението на соборот на СПЦ, ваквата одлука е донесена врз основа на акт од Светиот архиерејски синод на „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“, со кој таа наводно го прифаќа општопризнатиот канонски статус доделен во 1959 година од страна на Светиот архиерејски собор на СПЦ и со кој изразува надеж дека СПЦ братољубиво ќе го решава и ќе го реши и прашањето на нејзиниот конечен статус, по што треба да следува сеправославна согласност и прифаќање на тој статус. 

Руската православна црква (РПЦ) ја поздравува одлуката на Српската православна црква (СПЦ) да го обнови канонското единство со Македонската православна црква – Охридска архепископија. „Руската православна црква ја поздравува одлуката на Српската црква да го обнови канонското општење со Македонската православна црква – Охридска архиепископија“, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов, нагласувајќи дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“.

Ѓорѓевски смета дека МПЦ ќе мора да се произнесе околу најновата одлука на СПЦ, која што е „исклучително лошо решение за нас“.  

„Не гледам како понатаму ќе може да се преговара со СПЦ, која што порача дека нема намера да ја условува новата сестринска црква во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, но даде препорака да се решава прашањето за официјално име на МПЦ во непосреден братски дијалог со грчката и со другите помесни православни цркви“, вели Ѓорѓевски за ДВ.

Излезот тој го гледа во Вселенската патријархија: „Треба да се свртиме кон Вселенската патријархија каде што се води судска постапка и поголеми се шансите да добиеме автокефалност“.