По незаконското разрешување на Дамева, денес најавен незаконски избор на нов претседател
По насилничкото и незаконски упад вчера во Судскиот совет и разрешувањето на претседателката Весна Дамева, заменикот-претседател Селим Адеми за денеска во 11 часот незаконски закажал и седница, со назнака „итна“ на која ќе се избира нов претседател на Судскиот совет, без да ѝ се даде можност за жалба и да добие формална одлука. Со ваквиот развој на настаните се кршат член 36 од Законот за Судски совет и членот 8 од Деловникот, кој признава одлука со минимум 8 гласови, а Дамева беше разрешена со гласови на седум членови на Судскиот совет. Дополнително, Деловникот вели дека предлагач не смее да гласа, што значи Дамева вчера била разрешена всушност со 6 гласа, бидејќи тој на Адеми како предлагач, е невалиден.
Уште повеќе, законот не предвидува процедура за разрешување на претседател на Судскиот совет. Во членот 36, став 1 од Законот за Судскиот совет набројани се надлежностите на Советот и притоа стои дека тој може да одлучува само за дисциплинска одговорност на член, но не и за разрешување на претседател. Престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет пред неговиот истек е можен само ако постои престанок и на неговиот мандат како член. Значи, Дамева требало првин да направи прекршок, па да ѝ биде покрената дисциплинска постапка со формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или од најмалку 20 судии.Ништо од оваа законска процедура вчера не беше испочитувано.
Вчера и Коалицијата „Сите за правично судење“ реагираше дека за Дамева да биде разрешена од позицијата требало да биде разрешена од член на Судскиот совет, а за тоа, потенцираа, е потребна соодветна процедура за дисциплинска постапка во која, кога ќе дојде до разрешување се потребни осум гласа „за“ не сметајќи го оној на предлагачот. И според нив, за да се изрече дисциплинска мерка или разрешување треба да има формално образложено барање поткрепено со докази и истото да се достави од кој било член на Советот или најмалку 20 судии.
„На ваквото барање, членот против кого се однесува, може да достави одговор во рок од 8 дена од денот на добивање на барањето со доказите, по што во рок од 2 дена претседателот, односно заменик-претседателот на Советот ги доставува материјалите до останатите членови и закажува седница на која ќе се расправа по барањето. По ова, за да може да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за неа мора да гласале најмалку 8 члена со право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието на РСМ, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето, не учествуваат во гласањето“, нагласуваат од Коалицијата.
Поради ова, сметаат тие, во вчерашниот случај разрешувањето е неосновано бидејќи немало постапка за Дамева да се разреши како член, а и одлуката наместо со осум е донесена со седум гласа „за“ меѓу кои и на иницијаторот Адеми.