По мерките од САД кон Кина: Новите телефони на „Хуавеј“ нема да имаат г-меил, гугл и плејстор

„Гугл“ ја прекинува соработката со кинеската компанија „Хуавеј“, по мерките на САД против Кина.

Мерката ги опфаќа сите зaеднички дејности во врска со трансферирање хардвер, софтвер и сервисите, но не и софтверот со отворен код што се развива во „Гугл“ и кој „Хуавеј“ би можел да го користи, како што е програмата АОСП – отворена верзија на Андроид, достапна како слободен софтвер.

Уредите на „Хуавеј“ веднаш ќе останат без надградби и нови верзии на содржините на „Гугл“. Новиот смартфон на „Хуавеј“ нема да има пристап до Гугл плеј стор, Јутјуб, Џимејл, Гугл драјв и Хром.

– Ги разгледувамме последиците од овие одлуки. За корисниците на нашите услуги, Гугл плеј и Гугл плеј протект, тие услуги и натаму ќе функционираат на уредите на „Хуавеј“, изјави претставник на кинеската компанија, без да открие натамошни подробности.

Овој прекин на соработката може значајно да ѝ наштети на работата на „Хуавеј“, кој ќе загуби пристап до ажурирањата.

Се повеќе американски компании ја усвојуваат одредбата од Белата куќа дека мора да престанат да соработуваат со кинеска компанија Хуавеј. Така освен Гугл, од соработка со Хуавеј откажуваат Интел, Квалком и Броудком три водечки производители на чипови во светот. Од соработка со Хуавеј се откажа и германската компанија за чипови Инфинеон Технолоџис како и американските Микрон Технолоџис и Вестерн Диџитал.

Одлуката на тие компании доаѓа многу брзо по информацијата дека Гугл го укинал пристапот на Хуавеј до услугите на Гугл плеј, со што практично го турка од пазарот на Андроид паметни телефони, принудувајќи ја кинеската компанија да развие сопствена верзија на оперативен систем.

Одлуката на Гугл значи дека уредите на Хуавеј веќе нема да може да се апдејтираат ниту пак Гугл ќе дозволува користење на своите апликации на нив (Gmail, Google Maps, Play Store…)Toa се однесува само на новите уреди, постоечките корисници ќе може да ги користат како и досега.

Вработените во американските компании што произведуваат чипови се информирани дека, до следна објава, нивните компании престануваат да соработуваат со Хуавеј.

Интел ги снабдува Хуавеј со чипови и процесори за преносни компјутери, а Квалком со модеми и други процесори. Хуавеј не би требало да биде толку погоден од прекинот на деловната соработка со Квалком, бидејќи самиот произведува мобилни процесори и модеми.

Моментната залиха на чипови на Хуавеј ќе трае најмалку три месеци што треба да биде доволно време за да дознае дали сегашната мерка на САД е само заплашување или трајна и посериозна мерка.

Мајкрософт се уште не коментира дали да престанува да го доставува својот оперативен систем Виндоус на Хуавеј, но многу е веројатно дека тие ќе мора да се придржуваат кон новата одредба на Белата куќа.

Хуавеј развива свои алтернативи за Андроид и за Виндоус баш во случај да е погодена од незгодни ситуации како оваа.

Сегашната ескалација на тензичните односи е последица на трговскиот спор меѓу администрацијата на Трамп и кинеската влада, каде Трамп се обиде повторно да преговара за трговските односи меѓу двете земји.Трамп пред неколку денови прогласи „вонредна состојба“ за да забрани на телекомуникациски мрежи да купуваат опрема од странски компании кои се оценети какоризични. Тоа се однесува на Хуавеј и на други кинески фирми.

Белата куќа објави дека одредбата на Трамп „ги штити САД од странски противници кои активно и се повеќе ги создаваат и ги експлоатираат слабостите во инфраструктурата и услугите за информатичка и комуникациска технологија”.

Американските официјални лица го обвинија Хуавеј дека соработува со кинеската влада и шпионира извесно време, иако јасни и недвосмислени докази не се изнесени,согласни се експерти. Други сметаат дека компаниите (па дури и земјите) кои ја контролираат информациската инфраструктура лесно можат да ги контролираат информациите.

Многу аналитичари, сепак, се согласуваат дека тоа е американска трговска војна против растечката конкуренција, особено пред употребата на 5G мрежи, каде што Хуавеј убедливо доминира нудејќи најдобра вредност за парите и квалитетот.