По ЕСМ, акции и од МЕПСО: Што ќе значи ова за граѓаните, а што за пазарот на капитал
Граѓаните би ги добиле акциите од ЕСМ веќе во 2025 година, а СДСМ најавува и акции од МЕПСО во 2028. За четиричлено семејство по 32 акции од ЕСМ
Акциите од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) што ги вети СДСМ како дел од предизборната програма, граѓаните би ги добиле веќе во 2025 година, а за 2028 година е предвидена распределба според истиот модел и за уште едно државно претпријатие – електропреносниот оператор МЕПСО.
Ова е наведено во програмата со која СДСМ настапува за претстојните парламентарни избори, ветување кое одекна како вистинска бомба. Според пресметките на СДСМ секој граѓанин би добил по осум акции од ЕСМ, или доколку станува збор за четиричлено семејство бројката би достигнала 32 акции.
Дел од енергетските експерти велат дека ваквата мерка е добра, бидејќи конечно ќе се стави крај на дискусиите за приватизација, што постојано завршуваат во ќор-сокак. За познавачите на пазарот за хартии од вредност несомнено тоа ќе биде дополнителен стимул за Берзата, но и за корпоративното управување, особено доколку компанијата котира на пазарот на капитал. Податокот дека ќе има 1,3 милиони нови акционери, може да го стави тргувањето со акции во четврта брзина. За дел од политичките противници на СДСМ, пак, предлогот е „шарена лага“.
Во партиската програма на СДСМ се вели дека согласно извештаите, основната главнина на најголемата енергетска компанија во државата ЕСМ е поделена на 31.738.878 обични акции, со номинална вредност од 1.000 денари (илјада) денари по акција.
„Планот е одреден процент на акции да се поделат на сите граѓани на нашата држава што се родени до определен консензуално определен термин. Притоа, согласно со податоците од последниот попис, секој граѓанин би добил по околу 8 акции. Ова значи дека едно четиричлено семејство би се стекнало со 32 акции, со номинална вредност од по 1.000 денари, или вкупно 32.000 денари“, се вели во програмата на партијата.
Сепак, како што се проценува, оваа номинална вредност нема да биде иста кога акциите би се продавале на Берзата, односно, дека „со самото котирање на Македонската берза за акции се очекува да достигнат многу повисока цена“.
Од СДСМ веруваат дека на овој начин, граѓаните ќе може да влијаат врз управувањето на компанијата, но и да добиваат годишна дивиденда, доколку ЕСМ работи со добивка.
„Со ова граѓаните ќе станат директни и реални сопственици на државните енергетски компании и сами ќе можат да одлучуваат за нивната контрола, управување и менаџирање, но и директно да влијаат за намалување на корупцијата во државните енергетски компании и во државата во целост. Очекуваме оваа мерка да поттикне слични активности и во другите сектори и со другите државни компании“, посочуваат од СДСМ.
Граѓаните ќе управуваат со државните компании
Оваа мерка што предизвика големо внимание кај граѓаните, беше најавена на предизборните митинзи на партијата, а за неа зборуваше и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, кој на Сител рече дека една од грижите кои што ги имаат граѓаните и која што и него (Ковачевски) го загрижува е работењето на овие државни компании, нивото на нивната ниска транспарентност и нивната ниска ефикасност.
„Затоа сметаме дека граѓаните треба да бидат дел од управувањето со овие компаниии и тоа по јасни берзански правила. И затоа предвидуваме 49 проценти од компаниите, прво ќе започне со ЕСМ, да бидат доделени на сите полнолетни граѓани на Северна Македонија, значи зборуваме за најмалку 1,3 милиони граѓани, кои што ќе добијат акции во ЕСМ и подоцна во другите државни компании“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека акциите ќе се делат според модел кој ќе овозможи со нив да се тргува на Берза и врз основа на берзанските правила граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во управувањето на компаниите.
„Со тоа прво ќе се зголеми транспарентноста, второ ќе се зголеми ефикасноста, трето граѓаните ќе добијат капитал, четврто, граѓаните ќе добијат пасивен приход во форма на дивиденда и на крајот на денот граѓаните ќе одлучуваат за тоа каква ќе биде иднината на тие компании“, рече Ковачевски.
Енергетски експерти кои ги контактираше „Независен“, но кои сакаа да останат анонимни заради изборната кампања која станува сѐ позапаллива, велат дека идејата е добра и дека на ваков начин ќе престанат шпекулациите за продажба на оваа компанија.
„Идејата е добра и со ова конечно ќе се стави крај на муабетите за продажба на ЕСМ“, велат тие, додавајќи дека ваков модел на приватизација своевремено бил спроведен во источноевропските држави, како на пример во Чешка.
Тие посочуваат дека вредноста на компанијата можеби ќе треба да биде предмет на ревизија, со оглед дека капацитетите со кои што располага се прилично стари и според законската регулатива, се амортизирани. Од друга страна, прашање е дали соодветно се евидентирале зафатите кои што во меѓувреме се преземале за осовременување на електраните, па оттаму, вистинската слика за ЕСМ треба да ја дадат независни ревизори. Инаку, ако се земе предвид дека Владата во изминатите две–ри години издвои значителни средства од Буџетот за субвенционирање на цената на електричната енергија, а кои се во износ од над 400 милиони евра, излегува дека во овој период, сме „изеле“ цело едно ЕСМ, без да се добие некоја додадена вредност.
Поттик за Берзата
Берзански експерти, пак, велат дека ако се остави на страна политичкиот момент, гледано чисто пазарно, идејата е повеќе од добра и ќе придонесе за раздвижување на пазарот на капитал.
„Самиот факт дека би имало 1,3 милиони акционери, е потврда дека ќе дојде до тргување барем на дел од тие акции преку Берзата“, велат тие.
Клучниот момент кој што го потенцираат е дали ЕСМ ќе котира на Берзата или пак, владата ќе се реши само да ги распредели акциите, кои потоа би се продавале преку еден од берзанските сегменти.
Овој момент е исклучително важен, бидејќи, како што потенцираат нашите соговорници, котацијата сама по себе повлекува прифаќање на берзанските правила, како на пример објавување редовни извештаи за работењето на акционерското друштво, за приходите, трошоците и тн.
„Котираните компании се обврзани да објавуваат квартални извештаи за работењето, па доколку намерата акциоенрското друшто да се направи транспарентно, тоа би бил вистински потег, бидејќи на таков начин јавноста и акционерите ќе имаат увид во вистинската ‘крвна слика’ на компанијата“, велат соговорниците. За самата Берза, велат познавачите, ЕСМ би била одлична компанија, бидејќи станува збор за голема инфраструктурна компанија од исклучително интересен сектор каков што е енергетиката. Тие потсетуваат дека слични политички одлуки се носеле и во други држави, како, на пример, во Хрватска со приватизацијата на Хрватскитиот телеком или со ИНА.
„Нема зијан од добивање акции“, велат соговорниците.
Едно од прашања кои што се наметнуват е како граѓаните ќе се однесуваат како акционери, односно сопственици, а како истите тие како потрошувачи. Како сопственици, нормално, ќе бидат заинтересирани да остваруваат што поголема добивка, а како потрошувачи, да плаќаат што помалку за сметките. Ова го наметнува и прашањето за регулирање на цената на струјата, но како што велат нашите соговорници, ЕСМ не е предмет на регулација, а од друга страна и ЕВН како дистрибутивна компанија е во приватна сопственост, но тоа не го попречува регулаторот да ја спроведува својата обврска, според јасно утврдени правила и механизми.
Од друга страна, треба да се има предвид дека вакво какво што е сега ЕСМ, со електрани изградени пред три- четири или повеќе децении, ќе биде исправено пред големи предизвици.
„За да се смета на добивка, компанијата ќе треба да го зголеми производството и истовремено да ги намали трошоците“, велат соговорниците.
„Со оглед на тоа дека во минатото имаше голем број шпекулации и лажни вести дека компаниите ќе се продаваат на странци, сега граѓаните ќе одлучуваат за нивната иднина“, вели Ковачевски, додавајќи дека „никој не може да манипулира 1,3 милиони граѓани“.
Бранимир Јовановиќ: „Ова е Приватизација 2.0“
За Бранимир Јовановиќ, наш познат економист кој сега работи во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде што го покрива Балканот, предлогот нас СДСМ за доделување акции од ЕСМ на граѓаните е прикриен начин оваа компанија да се продаде на олигарсите. Во изјава за Независен, тој вели дека многу подобро би било на чело на компанијата да се назначи професионален директор кој без партиски притисоци од страна, брзо би го направил ЕСМ највредната македонска компанија.
„За мене, ова е Приватизација 2.0. Пред 30 години, во транзицијата, се направи нешто вакво, и добро знаеме кој е резултатот – добрите фирми завршија во рацете на мал број моќници блиски до власта, кои ги откупија сите акции. Не гледам зошто не би се случило истото и сега, знаејќи ја атрактивноста на енергетиката. Така што, јас ова го гледам како прикриен начин ЕСМ да се продаде на олигарсите“, вели Јовановиќ.
„Ако СДСМ навистина се грижи за доброто работење на ЕСМ, сѐ што треба да направат е да постават професионален директор, и да го остават да ја води компанијата како што смета дека треба. Без партиски притисоци, вработувања и тендери. И ЕСМ за многу кратко време ќе стане највредната и најдобрата македонска компанија“, додава тој.
Јовановиќ посочува дека ваква стратегија на претворање на атрактивна фирма во загубар, со цел истата потоа да се приватизира, е добро позната во економската литература. Пост-социјалистичката историја на цела Источна Европа е историја на вакви приватизации. Тие ги створија олигарсите во цела Источна Европа, од Русија и Украина, па сѐ до кај нас, смета тој.
„Единствената работа што не можам да ја сфатам во целава приказна е – како СДСМ воопшто излегува со вакво изборно ветување? Зарем стварно мислат дека граѓаните заборавиле на 1990-тите и на сѐ што се случуваше тогаш, кога исто така на власт беше СДСМ? Или пак сакаат да им се додворат на олигарсите за да ја добијат нивната поддршка за изборите?“, прашува Јовановиќ.
„Шарена лага“
За политичките соперници на СДСМ, оовој предлог е „шарена лага“.
Бомбастичната најава на СДСМ дека секој полнолетен граѓанин на Македонија ќе добие по 8.000 денари во акции од ЕСМ Социјалистичката партија на Македонија ја оцени како „шарена лага“ за да привлече гласачи. „За глупавото ветување да биде поголемо и да не се открие перфидната измама што ја смислиле, не го открива сопственикот на 51 отсто од акциите“, реагираа од Социјалистичката партија додавајќи дека СДСМ најавува дека „граѓаните ќе добиваат дивиденда од компании кои сега работат со загуби“.
Инаку, СДСМ во програмата во делот на енергетиката најавува и крај за како што вели „енергетски споменици и музеи“. Со ова ќе се стави крај на нови фосилни технологии.
„Имајќи ги предвид домашните и европските искуства во однос на постојните начини и технологии, логично е запирање на надминати технологии и начини на производство на енергија, кои станале неодржливи“, се вели во програмата на партијата „За европска иднина 2024“. Во неа се предвидува забрана за изградба на нови гринфилд мали хидроелектрани, освен како додаток на постојни објекти (водоводи, системи за наводнување и сл.), како и мораториум на изградба на какви било електрани на фосилни горива освен на природен гас и водород, но и мораториум на издавање дозволи за експлоатација на фосилни горива.
(Текстот е дополнет со изјавата на Бранимир Јовановиќ, наш економист кој сега работи во Виенскиот институт за меѓународни економски студии)