По една година и шест месеци затвор за одговорните директори околу пожарот во модуларната болница

Поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми осудени се на една година и шест месеци затвор за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ за пожарот во тетовската модуларна болница во кој во 2019 година загинаа 14 пациенти. Клиничката болница во Тетово, која е обвинета како правно лице, доби казна од 1 милион денари.
Ова е втора пресуда за овој случај, а според првата, обвинетите директори тогаш добија условни казни од една година и шест месеци, додека докторот Бобан Вучевски беше ослободен од обвинението. На Клиничката болница и тогаш ѝ беше изречена парична казна од еден милион денари.
При првото изрекување на пресудата, судијата рече дека тоа не е судење за причините за пожарот. Постапката пак која требаше да го даде одговорот како биле градени и пуштени во употреба сите модуларни болници кои функционираа во земјава за време на ковид кризата речиси четири години е во предистрага.
Засега нема логично образложение зошто за предметот кој го води обвинителката Елизабета Јосифовска, а требаше да ја проверува тендерската документација за сите болници сè уште нема јавнообвинителска одлука. Нов момент е дека овој предмет е на разгледување во републичкото обвинителство откако бил примен допис – претставка. Кој ја поднел претставката и на што се однесува, нема одговор.